Груевски: Владата презема мерки за надминување на увезената рецесија

Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека рецесијата во вториот квартал од годинава не е изненадување со оглед на ситуацијата во Европа, но се надева дека со мерките што се преземени од страна на Владата ќе има подобри резултати во третиот и четвртиот квартал.

-  Голем дел од државите прогласија рецесија и намален е извозот на македонските компании кон традиционалните извозници од причина што поголем дел од земјите се во рецесија или пред рецесија или околу нула стапка на раст така што од оваа гледна точка ова не е некое посебно изненадување за нас. Работиме и се надеваме дека со сите мерки што ги преземавме во третиот и четвртиот квартал ќе има подобри резултати и оти работите ќе се движат во подобра насока, истакна Груевски одговарајќи на новинарски прашања по официјалниот почеток на изградба на канализација во селото Стајковци.

Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да презема мерки за македонските компании полесно да ја надминат европската криза.

- Владата внимателно ја следи ситуацијата, но и постојано презема мерки кои што треба да им помагаат на нашите компании полесно да го поминат овој период на тешка европска должничка криза проследена со рецесија во која што на некој начин Македонија, иако нема високи долгови и е четврта најмалку задолжена земја, таа е загрозена затоа што партнерите каде има извоз и од каде очекува инвеститори се во исклучително тешка ситуација. Продолжуваме со нашите напори да помогнеме што побрзо да се подобрат нештата и верувам дека така и ќе биде, оцени Груевски.