Илјада невработени лица ќе се вработат преку две програми од оперативниот план за вработување

Илјада невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување ќе имаат можност да се вработат преку мерките „самовработување со кредитирање“ и „финансиска поддршка на микро и мали претпријатија за отворање нови работни места“.

Мерките се дел од Оперативниот план за вработување на Владата и за нивна реализација се обезбедени средства во висина од околу 193 милиони денари. Огласот беше објавен во саботата, а заинтересираните ќе може да аплицираат до 1 октомври годинава.

Според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, двете мерки не се специјално наменети за надминување на економската ситуација во која се наоѓа државата, но индиректно тие би влијаеле на неа.

- Конкретните мерки не се однесуваат на актуелната ситуација, туку се редовен дел од оперативните политики за вработување, но индирeктно би влијаеле на стабилизација на дел од економската состојба кај определени компании, истакна Ристовски на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Агенцијата за вработување.

Економската состојба во која се наоѓа државата, според Ристовски, била делумно очекувана, но важно е дека Владата постапува одговорно кон ова прашање.

- Не можe во оваа фаза да претпоставуваме дали и колку ќе има отпуштања. Има некакви најави од определени комори дека можно е да се случи намалување на бројот на вработените, но се уште не би пристапиле кон потврдување определени бројки, бидејќи во минатиот период кога беше актуелната светска економска криза имаше најави за отпуштање работници, меѓутоа тоа не се случи со толкав интензитет како што беше најавуванo, рече Ристовски.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски нагласи дека целта на двете мерки е да им се даде поттик на компаниите да го зголемат бројот на вработените, а воедно да добијат соодветна финансиска помош.

Мерката за самовработување со кредитирање постои повеќе од четири години и досега се поддржани 3.867 кредитобаратели за вработување на 4.511 лица и одобрена е исплата на кредитни средства во износ од околу 832 милиони денари. За мерката „финансирање на микро и мали претпријатија“ најновиот оглас е втор по ред. Првиот беше објавен кон средината на летото и со него беа опфатени 167 лица.