Toдоров-Рампони: Разгледана идејата за акредитација на болниците според стандардите на JCI

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска се сретна со д-р Карло Рампони, директор на Меѓународната заедничка комисија за акредитација (JCI), која е меѓународно призната организација за проценка на квалитетот на здравствените организации, чија мисија е да се подигне безбедноста и квалитетот на грижата за пациентите во целиот свет.

По средбата, министерот Тодоров изјави дека имале можност да разговараат за идејата за почнување со акредитација на болниците во Македонија согласно стандардите кои ги има Меѓународната заедничка комисија за акредитација. Станува збор, како што рече, за една од најзначајните промени кои треба да се направат во македонското здравство со цел приближување или ставање на македонското здравство на ниво на најразвиените здравствени системи во светот.

- Ова е единствениот начин тоа да се постигне, а тоа е добивање акредитација од една ваква врвна организација за акредитација на болнички установи која ќе овозможи да има стандардизирано ниво на квалитет, заштита на пациентите и ќе овозможи сите здравствени установи да работат врз основа на норми и стандарди кои се предвидени од оваа најреномирана светска организација, додаде Тодоров.

Рампони рече дека JCI е непрофитна организација која има седиште во САД и претставништва за Европа, Средниот Исток и Сингапур.

- Сме работеле во 80 земји во светот и досега имаме акредитирано над 500 здравствени организации. Основната разлика меѓу нашиот систем и системот на другите институции за сертификација и акредитација е клиничкото знаење и искуство во оваа област и инволвирањето на докторите и сестрите во целата процедура повеќе отколку менаџерскиот тим, истакна Рампони.

Посочи дека нивна главна цел е да им помогнат на установите да се зголеми квалитетот на нивните услуги, како и да се подобри сигурноста на пациентите.

Во нашите стандарди, истакна Рампони, ги имаме зацртано главните цели за сигурноста на пациентите кои ги има пропишано Светската здравствена организација, а исто така имаме развиено дата база за оценка на болниците во овие активности.

- Болниците кои ние сме ги акредитирале се едни од најдобрите болници во светот. Се работи за многу тежок систем и систем за акредитација кој бара многу и затоа сакам да му честитам на министерот што не одбрал акредитација од најлесен тип, туку една од најтешките во светот која оди во прилог на македонските пациенти и нивната сигурност. Има многу нови идеи за развојот на системот на здравствена заштита во Македонија и ќе бидам горд да бидам дел од ова движење за негово подобрување, додаде Рампони.

Министерот Тодоров, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека со Рампони денеска ќе ја посетат Новата градска болница „8 Септември“, и да видат колкав временски период ќе биде потребен за да се добие ваков вид акредитација.

- Уште кога го објавив тендерот за JCI кажав дека за првиот дел, само за една болница, во делот на проценката и можеби развојот на политиките и процедурите, би чинело некаде околу 150.000 евра. Потоа доаѓа процесот на акредитација и можеби ќе има определени инвестиции кои се во делот на исполнување на критериумите кои ќе бидат предвидени во процесот на акредитација, посочи Тодоров, одговарајќи на новинарско прашање.

Според Тодоров, ова ќе биде една од клучните реформи за целосна промена на функционирањето на македонскиот систем и треба да биде целосно во наглежност на државата.

- Од 1 јануари треба да започне со работа Агенцијата за акредитација во Македонија која ќе треба да ги исполнува сите овие услови за инспекторирање и акредитирање на болниците, додаде Тодоров.