Министерот Попоски се сретна со известувачот на ЕП за Македонија, Ричард Ховит

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, британскиот европратеник Ричард Ховит.

Попоски го запознал Ховит со резултатите од последниот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската комисија и ја реафирмира нашата приоритетна цел - неодложен почеток на преговорите за пристапување во ЕУ.

На средбата, како што соопшти МНР, била изразена благодарност за поддршката и конструктивниот пристап на Европскиот парламент во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија, артикулирана преку пораките содржани во неколкуте последователни резолуции за Републикава.

Европратеникот Ховит позитивно ги оценил резултатите во исполнувањето на задачите во сите области опфатени со Пристапниот дијалог со Европската комисија. Ваквите информации, како што стои во соопштението од МНР, ќе бидат корисни во процесот на изготвување на следната Резолуција на Европскиот парламент за Република Македонија.

Ховит на средбата ја нагласил целосната поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори. Тој го посочил зголемениот интерес на европските чинители за зачувување на кредибилитетот на процесот на проширување и изрази надеж дека успешно ќе биде искористен позитивниот моментум со очекување конкретна поддршка од земјите-членки на Унијата, во однос на проширувањето.

Во разговорот, заеднички било споделено очекување дека отворена и недвосмислена поддршка за што поскорешно отпочнување на пристапните преговори на Македонија, ќе биде манифестирана не само од географски поодалечените земји-членки на Унијата, туку и од политичките претставници на земјите-членки од непосредното соседство.

Во тој контекст, бил нагласен ставот дека членството во Европската унија не треба да се користи само како инструмент и средство за притисок врз земјите-кандидати за членство. Многу е покорисно, според соговорниците, енергијата да биде насочена кон инензивирање на комуникацијата и сите видови соработка, како и да се реализираат зацртаните инфраструктурни проекти за подобрување на патната и железничката мрежа, што е во интерес на сите граѓани од Регионот.

Попоски и Ховит размениле мислења и за актуелните состојби во Република Македонија, при што заеднички го споделиле ставот дека граѓанската платформа е вистинскиот пат кон Европската унија.

Посетата на европратеникот Ховит, како што велат од МНР, е со цел запознавање со напредокот во европскиот интегративен процес на Република Македонија, во пресрет на подготовките на наредната Резолуција на Европскиот парламент за Република Македонија, која вообичаено се усвојува по објавувањето на есенскиот Извештај на Европската комисија.