Манифестација за подигнување на свеста за еднакви права на лицата со хендикеп

За еднакви права на лицата со хендикеп, нивно гарантирање и унапредување,  Владата на РМ минатата година ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби на Обединетите нации. За нејзина примена и за реална вклученост во општеството на лицата со попреченост,  треба постојано да се подигнува јавната свест на заедницата. За таа цел денеска на плоштадот „Македонија“ се одржа хуманитарна манифестација.

Настанот беше дел од проектот „Еднаков пристап за лицата со инвалидност/ хендикеп/ попреченост низ услужно учење“, во организација на Македонско-американската алумни асоцијација.  Учествуваа лица со посебни потреби, но талентирани за пеење, сликање, спорт...

Маја Иванова, сопруга на претседателот Ѓорге Иванов, истакна дека лицата со посебни потреби се уникатни поединци кои поседуваат богатство на знаења, вештини, интереси и искуства, кои можат да дадат огромна разновидност и со својот потенцијал и креативна енергија да бидат активни чинители во општеството.

- Тие ги прават истите работи како и сите ние, но на малку поразличен начин и сигурна сум дека можат да ги постигнат истите резултати, па дури и повеќе... Треба да се фокусираме на нивната личност, а не на нивниот недостаток. Тие се рамноправни граѓани на нашата заедница и наша обврска е да направиме се што е во наша моќ за да им овозможиме еднакви услови и полна социјална интеграција. Во тој контекст, образованието игра клучна улога,  рече Иванова.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски ја истакна важноста децата да ги прифаќаат разликите, поради што Министерството интегрираше неколку градинки.

- Ако децата од најмала возраст ги разбијат различностите што ние ги создаваме, многу е полесно во основно и средно училиште и на факултет. Многу е полесен животот во услови кога знаеме дека не постојат различности. Нив сами ги креираме. Ние сме тука да помогнеме да ги растуриме сите табуа поврзани со тоа, рече Ристовски.

Министерот за образование и наука Панче Кралев посочи дека во основното и средното образование е овозможена инклузија на децата со посебни потреби. - Со воведување на концептот услужно учење се прави голем чекор напред во образовниот процес во Македонија...МОН низ серија активности и инвестиции се обидува и континуирано работи на различни проекти за унапредување на образованието на сите лица со посебни потреби, рече Кралев.

На манифестацијата и беше честитан успехот на параолимпијката Оливера Наковска-Бикова, која од Лондон донесе златен медал. Амбасадорот на САД Пол Волерс и врачи Амбасадорска награда за спортска дипломатија. - Се радувам за Вашиот успех. Вие претставувате пример и мотивација не само за лицата со попреченост, туку и за сите граѓани на Македонија, рече Волерс.