Ивановски: Не планираме отпуштања во администрацијата

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска изјави дека во Македонија ќе нема  отпуштање на  вработените во јавната администрација и покрај неодамнешниот влез на македонската економија во рецесија.

- Не планираме отпуштања во администрацијата, рече Ивановски, одговарајќи на новинарско прашање дали по влезот на македонската економија во рецесија македонската Владата, по примерот на останатите држави во регионот, ќе пристапи кон откази во администрацијата.

Ивановски  присуствуваше на  отворањето на новиот продажен салон за Apple на компанијата Дуна „Duna iStore“ во Градскиот трговски центар, што е целосно изработен по дизајн на Apple и обезбедува потполно еднакво искуство како и секој Apple Premium Reseller низ светот.

 „Duna iStore“, според Ивановски, е со производи од последниот збор  на технологијата и е потврда дека Македонија има развиено  информатичко општество. Барањето  на граѓаните е еден од реперите коишто Apple или која било друга компанија го имаат предвид пред да донесат одлука за дистрибуирање производи, посочи Ивановски.

Коментирајќи ги најавите за доаѓањето на „Пејпл“  во Македонија, Ивановски одговори дека според последната остварена комуникација со нив тоа е во завршна фаза и оти сме ставени во нивната приоритетна листа како регион. Според последниот допис од Пејпл, Македонија ќе биде опфатена со регионот, односно Србија, Албанија, Косово и Црна Гора,  односно во еден пакет сите земји ќе добијат Пејпл, наведе Ивановски.

Проблемот во системот на Пејпл, појасни, е тоа што инвестицијата  што тие треба да ја направат за надградба на нивниот систем во Македонија е иста како што треба  да направат на пример за Индија, но кога ќе се земе предвид пазарот стратешки ним им одговара тоа да го направат за регионот.  

Во новиот салон „Duna iStore“ на површина од 85m2 посетителите имаат можност да погледнат и тестираат Apple производи вклучувајќи ги сите модели на Mac, iPad, iPod и iPhone. Во понудата на Duna iStore има голем број додатоци кои прилегаат на производите од Apple како светски познатите брендови Belkin, Sennheiser, AKG, JBL, Harman Kardon и многу други.