Заштеда од 43 милиони денари годишно со исплатата на социјална помош на трансакциска сметка

Министерството за труд и социјална политика успешно го заврши процесот на имплементација на новиот софтвер за администрирање на паричните давања од областа на социјалната заштита во делот кој се однесува на правото на социјална парична помош, информира на денешната прес-конференција ресорниот министер Спиро Ристовски.

Целта на воведувањето на овој софтвер, како што рече, беше поедноставување и олеснување на постапката за остварување и користење на сите парични права од социјалната заштита и овозможување исплатата на средствата да се врши преку тарнаскциска сметка.

- Исплаќањето на правото на социјална парична помош на трансакциска сметка почна постепено во одделни општини во текот на целата календарска година. Паралелно се правеше детална проверка на секоја исплата. По успешното развивање на овој модул, во августовската исплата овој месец се реализира на трансакциска сметка кај секој корисник на социјална парична помош, рече Ристовски.

Со ваквиот начин на исплата, како што посочи, се заштедуваат 43 милиони денари во буџетот на Република Македонија кои досега беа реализирани како трошоци заради извршување на целокупната исплата, односно реализација на сите обврски кои постоеја кон Македонска пошта како субјект кој ја вршеше дистрибуцијата на исплатата на средства.

- Ова е значајна буџетска заштеда која ќе биде искористена во најдобар интерес за корисниците. Новиот софтвер за администрирање на парични давања ќе ни ја даде и реалната бројка на корисници бидејќи можностите да се изигрува законот со електронската размена на податоци се сведува на минимум, потенцира Ристовски.

Според него, овој начин на исплата претставува исчекор во начинот на трансферирање на средствата од буџетот до самите корисници и обезбедува поефикасно и понавремено добивање на средствата кај крајните корисници и надминување на досегашните проблеми кои постоеја со стариот начина на исплата, или дистрибуција на средствата преки Македонски пошти.

Тој потсети дека често пати се случувало извесни исплати да доцнат и покрај тоа што буџетските средства биле трансферирани. Се доведувавме во ситауција, како што рече, да звисиме од волјата на соодветно лице вработено во Пошта кога ќе ги дистрибуира исплатите на социјална парична помош кај дел од корисниците.

Ристовски информира дека со воведувањето и успешното развивање на новиот софтвер за администрирање на сите парични давања во областа на социјалната заштита се дава можност електронската размена на податоци да се реализира меѓу Министерството, односно Центрите за социјална работа и сите други надлежни институции.

- Министерството за труд и социјална политика потпиша Меморандум со Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Со потпишувањето на овие меморандуми се воспостави соработка преку која електронски ќе се разменуваат податоците и на тој начин ќе се зголеми ефикасноста и ќе се намали товарот за корисниците сами да ги обезбедуваат овие документи, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Ристовски информира дека согласно програмата за работа на Владата за 2013 година планирано е зголемување на износот на социјална парична помош.

- И по разговорите и проекциите за буџетот за 2013 година, ние како ресорно министерство заедно со Министерството за финансии т.е. со Владата планираме средства со кои ќе се зголеми износот на социјална парична помош, соодветно на Програмата за работа, рече Ристовски.

Тој информира дека во моментов во Македонија има 39 илјади домаќинства кои користат социјална парична помош.

- Во оваа фаза можам да кажам дека некаде уште 5 отсто од корисниците ги немаат подигнато своите индивидуални трансакциски сметки, но тие веќе ги имаат отворено затоа што изминатите шест месеци при секое месечно известување за нивниот статус тие имаа обврска да донесат податок за нивна трансакциска сметка. Средствата кои нив им следуваат, и да не ги подигнат овој месец од некоја причина, ќе останат на сметката и не може да бидат искористени за друга намена, бидејќи одат со посебно бројче на тарнсакциската сметка, рече Ристовски и додаде оти досега не наишле на позначајни проблеми.

Според него, со оваа реформа ефектот е постигнат и најголем бенефит имаат корисниците на социјална помош.

Прашан за проектот „Условени парични трансфери“, Ристовски рече дека го реализираат трета година и се однесува на средношколците и оти не е проширен на ученици од основното образование.

-Основната идеја на проектот е да се намали одливот, односно отсуството на ученици од редовна настава. Главниот услов е учениците да бидат редовни во наставата. Изминатите неколку години бројот варира меѓу 9 и 10 илјади кои континуирано посетуваат настава, рече Ристовски.