Министерот Јанакиески се сретна со претставници од Здружението на превозници ИСТОК

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вчера имаше работна средба со превозници од Здружението на превозници ИСТОК на која се разговараше за актуелните состојби во превозот на патници во патниот сообраќај, соопшти денеска ресорното Министерство.

Јанакиески најавил дека аплицирањето за нови автобуски линии или за промена на постојните линии за превозниците, кои вршат превоз на патници ќе се врши електронски. Огласот ќе биде објавен на 1 октомври, а превозниците ќе можат да аплицираат 1 октомври во 09 часот до 2 октомври во 24:00 часот.

- На огласот ќе можат да аплицираат сите транспортни компании кои поседуваат важечка лиценца за јавен меѓународен линиски превоз на патници. Критериумите кои треба да се запазат при апликацијата се дадени во член 24-а од Законот за превоз во патниот сообраќај (заштитно време пред и по секое поаѓање, доволен број на возила за внатрешен превоз на патници), а исто така критериуми се дадени и во членовите 14, 15 и 16 од Правилникот за возни редови, стои во соопштението од Министерството за транспорт и врски.

Министерот Јанакиески ги информирал превозниците дека последните три месеци донесени се 20 решенија за одземање на меѓународни автобуски линии и 14 решенија за одземање на автобуски линии за внатрешен превоз. Донесени се и 28 решенија за одземање на лиценца поради престанување на исполнување на условите од страна на превозниците.

Новина во делот на превозот на патници е тоа што на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски поставен е посебен линк до Портал за планирање на патувањата, преку кој секој патник може во секое време - 24 часа во седмицата да добие информација за возните редови кон и од определена дестинација во Република Македонија. Почнувајќи од 1 октомври во соработка со Царинската управа на Македонија ќе почне проектот со воведување на EXIM системот за евиденција на превозот на стоки и патници преку граничните премини на Република Македонија.

Од август 2012 година, како што информира Министерството за транспорт и врски, воведена е посебна електронска архива на Секторот за патен сообраќај и инфраструктура при ресорно министерството, односно влезните и излезните предмети кои се заведуваат во архивата на Секторот се скенираат и се распределуваат за работа.

- Од вчера почна и електронска распределба за работа на предметите и меѓу вработените во Секторот, при што ќе се овозможи непречена и континуирана контрола за работата на Секторот од страна на министерот и државниот секретар. Со воведувањето на посебната архива и електронската распределба за работа на предметите ќе се постигне уште побрза и поефикасна распределба и решавање на предметите, што всушност е и најголема придобивка за превозниците, се наведува во соопштението.

Претставниците на Здружението на превозници „Исток“ изразиле благодарност кон Министерството за транспорт и врски и министерот Јанакиески за одржувањето на редовни средби и вклученоста на претставниците на компаниите кои се занимаваат со дејноста превоз на патници во процесот на изготвување на законските решенија и при преземање на сите активности од оваа област.