Попоски-Орав: Македонија очекува почеток на пристапните преговори до крајот на годината

Македонија посакува и очекува обновена препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори и нивен фактички почеток до крајот на оваа година, истакнал министерот за надворешни работи Никола Попоски на денешната средба со шефот на Делегацијата на Европската унија во РМ, амбасадорот Аиво Орав.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на средбата се разговараше за резултатите од третиот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската комисија, кој се одржа на 17 септември, претстојниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2012 година, како и за перспективите и очекувањата за донесување одлука за почеток на пристапните преговори на декемвриските состаноци на Советот на ЕУ.

Министерот Попоски изрази задоволство од заклучоците од Пристапниот дијалог на високо ниво и нотираните постигнувања во петте клучни области, реафирмирајќи ја заложбата за натамошен напредок и континуирани резултати во реформите во судството, јавната администрација, медиумите, изборниот процес и зајакнувањето на пазарната економија.

- Посакуваме и очекуваме ваквиот моментум да резултира со обновена препорака од Комисијата за почеток на пристапните преговори и нивен фактички почеток до крајот на оваа година, истакна Попоски.

Амбасадорот Орав ги пренесе позитивните впечатоци од оствареното во изминатиот период и посебно резултатите во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво. Искажа уверување дека спроведените реформи и остварените резултати во сите аспекти од Копенхашките критериуми за членство ќе бидат соодветно нотирани и валоризирани од страна на Европската комисија во претстојниот Извештај за напредокот на Македонија.

На средбата беа разменети мислења и за регионалната соработка, при што министерот Попоски информираше за претстојните активности на македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како и за македонските иницијативи за унапредување на добрососедските односи преку конкретни проекти од заемен практичен интерес за граѓаните.