Министерот Адеми на регионална конференција во Тирана

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска имаше обраќање на регионалната конференција на тема „Регионален пристап во однос на предизвиците од климатските промени“, која се одржа во Тирана, Република Албанија.

На конференцијата учествуваа министрите надлежни за прашањата од животната средина и климатските промени од Чешка, Албанија, Косово, Црна Гора и Турција. Целта на конференцијата, како што соопшти Министерството, беше да се реафирмира потребата од регионална соработка на полето на намалување на климатските промени и зголемување на адаптивноста на најранливите сектори кон истите.

- Приспособувањето кон влијанијата на климатските промени ќе бара висок степен на координација меѓу земјите, националните и локалните власти, деловните лидери и жителите. Потребата за координација е особено важна во некои подрачја на регионална ранливост, како што се управувањето со водите, шумарството, крајбрежните зони, биодиверзитетот, енергетиката, инфраструктурата, туризмот, здравството...,истакна министерот Адеми во своето обраќање.    

Според него, финансирањето е од суштинска важност за планирањето и спроведувањето на планови и проекти за приспособување, а трошоците за силна и итна акција за климатските промени би биле помали отколку трошоците за санирање на последиците од климатските промени без преземање на мерки.

Министерот Адеми предложи, заеднички, во координација со ЕУ, да се размисли за формирање или надградување на постојна институционална творба слично на енергетската заедница формирана од ЕУ. Во неа би членувале и би преземале определени обврски државите со кандидатски статус за полноправно членство во ЕУ заради потребата од зајакнување на капацитетите на национално ниво за вклучување во механизмите на Унијата како заедничка потреба на регионот.

За време на посетата, министерот Адеми потпиша и заедничка изјава за регинален пристап кон предизвиците на климатските промени.