Попоски: Грција ќе има корист од приемот на Македонија во НАТО и ЕУ, арументите за спорот неосновани

Грција е земја која може да има огромни придобивки од членството на Македонија во ЕУ и НАТО, а фактот што Атина е дел од овие семејства очекуваме да биде мотивација за грчката Влада да помогне во овој процес и да не биде фактор кочничар како досега. Мораме да се вратиме на нешто што е разумно расудување. Изминатите 20 години се покажа дека немаат никаква основа презентираните аргументи за наметниот спор бидејќи Македонија ниту претставува некаква закана за Грција денес ниту пак постои каков било ризик од територијални и безбедносни закани кон неа.

Ова се пораките со кои министерот за надворешни работи Никола Попоски ќе настапи на првата официјална средба со шефот на грчката дипломатијата Димитрис Аврамопулос што треба да се одржи на маргините од 67. Генерално собрание на ОН следната недела во Њујорк.

Попоски на денешната средба со новинари подвлече дека разговорите ќе бидат искористени да се нагласи фактот дека македонската страна сака да елиминира каков било обид за можна злоупотреба или погрешно презентирање факти оти на кој било начин провоцира или бара изговори да не се случи поместување во спорот за името.

- Не мислам дека треба да креираме посебни очекувања. Прво треба да се случи средбата и од неа да извлечеме заклучоци за подготвеност од страна на нашите соседи за рационалнио и разумно пристапување со заемен интерес кон ова прашање, а потоа да донесе заклучоци. Нашата политика е јасна, сакаме да градиме мостови, приближување и да ги срушиме сите бариери кои ни се вештачки наметнати дека претставуваме накаква закана по нив, рече министерот Попоски.

Според него, формално-правно разговорите за спорот за името кој се води под закрила на ОН никогаш немале прекин, но 20 годишното постоење на овој процес, вели, придонело да се заборави од каде почнал проблемот.

- Во моментот кога се наметна прашањето, околностите на Балканскиот простор биле разлилни од она што е денес. Но денес, со оглед дека се поминати 20 години е 20 пати посигурно да се каже дека не постои буквално никаков ризик за Република Грција од каква било природа во однос на независноста на Република Македонија. Тоа е она што сакаме да го упатиме како порака и како потсетник за сите оние кои може да имаат влијание во надминување на наметнатиот спор, рече Попоски.

Тој сепак, се надева на европски одговор од грчката страна, подвлекувајќи дека едно разумно политичко раководство во Атина треба да ги вреднува конструктивноста на Македонија и нејзиниот придонес за градење мир и стабилност, потврдата дека е подготвена да се однесува како идна НАТО членка и дека е сериозен кандидат да ги почне преговорите за ЕУ.  

Попоски ги окарактеризира како шпекулации пишувањата во грчките медиуми оти се води тајна дипломатија со посредство на САД да се прифати името „Горна Македонија“.

Во Њујорк каде фокусот ќе биде ставен на билатерални средби со земјите од регионот во контекст на актуелното македонско претседавање со Процесот за соработка во ЈИЕ, ќе има средба и со министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Младенов, кој неодамна најави „црвени линии“ во политиката кон соседите. Според него, негативната перцепција во Бугарија кон Македонија е креирана од одредени политички актери кои објективно немаат голема тежина, но кои наоѓаат некаков интерес во тоа.

-Отворено ќе разговораме во било кој контекст. Не мислам дека Бугарија има интерес да гради позиција која би била на линија на некакви бариери кон Македонија. Сосем спротивното, Бугарија има целосен интерес да ги подели придобивките кои ги има од членството во НАТО и ЕУ со соседите вклучувајќи ја и Македонија, рече министерот Попоски, подвлекувајќи дека македнскиот фокус е кон градење подобра клима меѓу двете држави.