Сарачини пред дипломати го промовираше занаетчиството во Старата скопска Чаршија

Министерот за економија Валон Сарачини во придружба на неколку амбасадори и дипломати и на градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, денеска ја посети Старата Чаршија во Скопје. 

Посетата, како што истакна министерот Сарачини, има за цел дополнително да ја промовира Чаршијата како уникатна локација во туристичката понуда на градот Скопје и преку каналите на амбасадите во земјава.

- На амбасадорите во Македонија дополнително сакавме да им ги потенцираме потенцијалите на Старата чаршија и да ги разгледаме опциите за заеднички проекти, можностите за техничка поддршка секако и промоција во нивните земји. Старата Скопска чаршија е уникатна и заради тоа што неколку векови непрекинато била јадро на она што денес го викаме претприемништво и самовработување. Тука се одвивале економски активности во континуитет, па оттаму нуди уникатна можност да се види развојот на еснафите и занаетчиството низ вековите, изјави Сарачини.

Последните податоци, како што истакна министерот, укажуваат дека бројот на туристи во периодот јануари - јули 2012 година пораснал за 4,3 отсто, а бројот на странски туристи пораснал за значителни 10,5 отсто. 

- Овој нагорен тренд е дополнителен мотив да се збогати понудата и да се потенцираат уникатни места како што е чаршијата, во насока на дополнително привлекување на туристи, додаде Сарачини.

Заменик амбасадорот на САД во Македонија Брајан Агелер истакна дека секогаш кога ја посетува Чаршијата во Скопје се чувствува прекрасно.

- Ние ја поддржуваме и ќе продолжиме да ја поддржуваме промоцијата на Македонија пред светот, посебно Старата Чаршија која претставува многу атрактивна дестинација за странските туристи, изјави Агелер.

Министерството за економија преку конкретни мерки го поддржува развојот на занаетите и малите бизниси. Преку проектот „Македонски автентични ракотворби“ Министерството за економија нуди грантови од 5.000 евра за самовработување.

Во насока на олеснување на условите за отпочнување на сопствен бизнис и развој на занаетчиството, како што најавија од Министерството за економија, следниот месец во рамките на проектот за Регулаторна гилотина ќе се поедностават процедурите и условите за отпочнување на занаетчиски бизнис.