Ристовски: Пензиите се зголемуваат, февруарските ќе бидат повисоки за седум отсто

Зголемувањето на пензиите за околу 7 проценти што вчера го најави премиерот Никола Груевски ќе се реализира со исплата на февруарските пензии во март, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

- Пензионерите практично во март ќе ги добијат покачените пензии онака како што ветивме. Тоа ќе се однесува на февруарската пензија што ќе ја земат во март. Пензионерите и социјалците ќе бидат категорија на граѓани кај кои нема да има замрзнување на ветените покачувања, рече министерот Ристовски.

Од март 2013, како што најави вчера премиерот, се зголемуваат и социјалните трансфери, односно социјалната помош за ранливите категории граѓани.

- Ние како Влада направивме напори особено за овие две категории граѓани кои на еден или на друг начин се категории граѓани на кои навистина им е неопходна конкретна социјална поддршка. Со покачувањето на пензиите и на социјалните трансфери очекуваме делумно да се олесни нивното секојдневно функционирање, рече министерот за труд и социјална политика по седницата на Економско-социјалниот совет.