Министерот Ивановски на шестиот состанок на Комисијата за широкопојасен интернет во Њујорк

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски учествуваше на шестиот состанок на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој што се одржа во Њујорк.

Состанокот го отворија претседателот на комисијата Карлос Слим и претседателот на Руанда, Пол Кагаме, а на него учествуваа претставници од УНЕСКО, Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Европската комисија, политички претставници од повеќе држави, Интернационалната телекомуникациска унија (ИТУ), како и од мултинационалните компании Телефоника, Ериксон, Алкател.

На состанокот во Њујорк беше објавен извештајот кој го оценува ширењето на широкопојасен интернет во светот. Во него се истакнува определбата од политичко лидерство за да се олесни распоредувањето на интернетот во целиот свет и се констатира дека на крајот од 2011 година имало речиси двојно повеќе мобилни претплатници на широкопојасен интернет, отколку фиксни. Се забележуваат и силни јазични промени што се случуваат на интернет и се оценува дека доколку сегашните стапки на раст продолжуваат, бројот на интернет корисници кои што пристапуваат на други јазици, ќе го достигне бројот на корисници на англискиот јазик.

Учесниците биле информирани и за најновите резултати и случувања на полето на информациско-комуникацискиот развој, а се разговарало и за следните чекори што ќе се преземат од страна на националните влади. Разгледувани се и можностите за вклучување на широкопојасниот интернет во образованието, здравството, ИКТ обуките и вештини, со цел да се потенцира моќта на постоечките иницијативи и апликации, како и идните трендови.

Според поставените цели, до 2015 година сите земји треба да имаат национален широкопојасен план и стратегија, 40 проценти од домаќинствата во земјите во развој да имаат интернет-пристап, бројот на интернет-корисници да достигне 60 проценти на светско ниво, 50 проценти во земјите во развој и 15 проценти во најмалку развиените земји.

Министерството за информатичко општество и администрација информира дека на маргините на состанокот министерот Ивановски остварил контакти и разговори со влијателни луѓе од светот на информациско-телекомуникациските технологии.

Шестиот по ред состанок на Комисијата за широкопојасен интернет се совпадна со одржувањето на 67. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој е формирана на заедничка иницијатива на Меѓународната телекомуникациска заедница и Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации.

Претходниот, петти состанок на Комисијата за широкопојасен интернет се одржа во Охрид април годинава. Средбата во Охрид беше прва од ваков вид надвор од седиштето на Обединетите Нации во Женева, Париз и Њујорк.