Ставрески: Има пари во буџетот за зголемување на пензиите, социјалната помош и отплата на обврските кон стопанството

Ветувањата за отплата на обврските кон стопанството, зголемувањето на пензиите и социјалната помош се направени по  прецизни анализи и во буџетот за наредната година ќе бидат ставени точни износи за нивно финансирање.

Ова го истакна вицепремиерот и минитер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот пакет мерки објавен од премиерот Никола Груевски на средба со стопанствениците.

- Ветувањето е направено врз основа на опсежни, сериозни, внимателни пресметки и подготовки пред да дојдеме во таа фаза да бидат искажани. Направивме анализи, ги контактиравме меѓународните финансиски институции, разговаравме на начинот на кој ќе се обезбедат средства за реализација на целокупното финансирање на буџетот за следната година во кој ќе спаѓаат сите овие работи и крупните инфраструктурни проекти. Ја конципиравме основата на фискалната политика и буџетот за следната година. Откако го направивме тоа и бевме сигурни дека имаме одржлив начин на финансирање на буџетот, дека и со тие ветувања ќе останеме во рамки на фискалната дисциплина која е карактеристична на нашата Влада и нашата земја, го дадовме тоа ветување. Во буџетот направени се прецизни пресметки и ќе бидат ставени точни износи за сите овие потреби и за сите работи што беа навестени вчера од премиерот, истакна министерот Ставрески.

Тој потенцира дека со средствата што ќе се добијат од комерцијалните банки со гаранција од Светската банка  ќе биде финансиран целокупниот буџетски дефицит, односно дека ќе се финансираат сите инфраструктурни проекти, крупните капитални проекти, отплатата на долгот, зголемувањето на пензиите и слично. - Тие пари што ќе ги добиеме, кои во оваа фаза приближно се 200 до 250 милиони евра, ќе бидат наменети за сите потереби на буџетот, појасни Ставрески и додаде дека средствата ќе се добијат во јануари 2013 година и оти се наменети за финансирање на буџетот во 2013 година и зависно од околностите дел може да остане за 2014 година.  

-  Финансиските средства што треба да ги обезбедиме и се со повластена каматна стапка од 4,5 проценти наспроти реалната пазарна камата што Македонија би ја платила од 8- 9 проценти ќе бидат наменети за финансирање на буџетот во 2013 и зависно од околностите можеби еден дел ќе остане и за 2014 година. Во 2013 година со тие средства ќе ја отплатиме и обврзницата што доспева во јануари  2013 година, ќе плаќаме за инфраструктурните проекти, за долгови кон стопанството, зголемување на пензии, субвенции и слично. Целокупниот пакет е направен така што кредитот што ќе го земеме е дел од вкупниот пакет за финансирање на буџетот за следната година и зависно од тоа како ќе течат и редовните приходи може да ги заштедиме  и да останат за 2014 година како што сега имаме заштеда од претходните средства што ги земавме од Дојче банк и слично, изјави министерот за финансии.

Тој потенцира дека за годинава не се планира ниту ребаланс на буџетот ниту одлука и смета дека предлогот на опозицијата за ребаланс не е добар, бидејќи тоа би значело дополнително продлабочување на проблемите за економијата. – Сметаме дека државата треба да даде поддршка преку комплетна реализација на капиталните инвестиции и сите расходи во буџетот за да се одржи агрегатната побарувачка на повисоко ниво и затоа, во консултација со стопанствениците, предложивме да дадеме поддршка преку целосна реализација на расходите и да нема ребаланс, рече Ставрески.

Тој потенцира дека нема да има дополнително задолжување за годинава и оти има доволно средства за да се исфинансира буџетот за оваа година толку колку што е потребно.

Според него, компаниите ќе почувствуваат сериозно подобрување на ликвидноста врз база на овие ветувања од Владата. - Нашето ветување е сериозно и ние во тој дел ќе останеме на тоа што го ветивме дека до последен денар ќе бидат исплатени долговите до февруари, а уште од денеска почнавме и до ноември ќе ги исплатиме дел од обврските, изјави минитерот за финансии Зоран Ставрески и додаде дека износот кој се должи постојано се менува зависно од обврските што се добиваат од буџетските корисници.