Потпишан Меморандум за соработка меѓу МОН и Американскиот универзитет во Бугарија

Во текот на вчерашниот ден, 27 септември 2012 г. во Скопје, Министерството за образование и наука на Република Македонија, претставувано од министерот м-р Панче Кралев, и Американскиот универзитет во Бугарија (АУБГ), претставувано од претседателот на Универзитетот, проф. д-р Мајкл Истон, потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставуваат поблиски односи во областа на образованието и науката.

Меморандумот има за цел да овозможи координација и ефективен дијалог во областа на образованието и научните истражувања, размена на идеи и искуства за подигање на квалитетот на образованието,  организирање на работни посети на студентите од овој Универзитет и нивни професионални престои во македонски компании и организации, како и разгледување на можноста за овозможување на поволни услови за студирање на успешните македонски студенти на Американскиот универзитет.

Потпишувањето на овој Меморандум претставува продолжување на политиката на Министерството за образование и наука на Република Македонија за поттикнување на соработката со образовни институции во земјава, во регионот и во светот. Тоа ќе овозможи побогат избор на високо-образовани опции за идните студенти во Република Македонија, како и натамошно подигање на нивото на научните и образовните истражувања и размена на искуства со релевантни индституции од оваа област во регионот.

Американскиот универзитет во Бугарија е основан во 1991 г. На него своите студии до сега ги завршиле стотина дипломци од Република Македонија кои денеска работат на престижни функции во државниот и во приватниот сектор во Македонија, но и во светот. Многу од нив своите пост-дипломски студии ги продолжиле на најпрестижните универзитети во САД и Европа, во областите на економијата, пилитичките науки, меѓународните односи, компјутерските науки, новинарството и комуникациите, бизнис-администрација итн. Моментно, во модерниот универзитетски кампус на АУБГ во Благоевград, Бугарија, студираат повеќе илјади студенти од 45 земји од светот, меѓу кои и петнаесетина студенти од Македонија.