Отворени првите фабрики во индустриската зона кај Валандово

Два производни текстилни капацитети кои отворија 300 нови работни места и од денеска почнаа официјално со работа, се првите инвестиции во индустриската зона Раброво кај Валандово во која e предвидено да бидат отворени 50-тина фабрики. Инвестицијата во вредност од 2,5 милиони евра е на македонската компанија Дока текстил и на групацијата ДМИСС.

Почетокот на работата на овие две фабрики го означија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот на општина Валандово Николче Чурлиновски заедно со инвеститорите.

Според министерот за финансии, денешната инвестиција е значајна по тоа што се реализира во време на криза во Европа и кога тешко може да се најде пример на отворање нови производни капацитети.

–  Новата инвестиција која се реализира  во Македонија и токму во Индустриската зона во Валандово покажува дека со здружени сили и со вистински претприемачки дух со помош на централната и локалнта власт може да се реализира инвестиција и во најтешки времиња, истакна Ставрески.

Тој додаде дека ваквите инвестиции се вклопуваат во напроите што ги прави Владата за да се создадат подобри услови за бизнисмените, за оние, како што рече,  што го имаат капиталот да се чувствуваат сигурно дека кога работат во Македонија ќе ги имаат најдобрите услови во Европа.

- Владата и натаму ќе ги дава најдобрите услови во Европа, најниските даноци, ниска цена за земјиштето и поддршка на локалната власт, а со цел да се реализираат инвестиции и да се отвораат нови работни места, рече вицепремиерот Ставрески.

Според градоначалникот на  Валандово Николче Чурлиновски, со оваа и другите инвестиции што ќе се реализираат во зоната ќе се даде нов имиџ и персепктива за развој на Општината. 

– Во зоната се продадени сите 48 парцели, што покажува дека  проектот за нејзина изградба е успешен. Импулс на тоа даде и Владата со овозможување земјиштето да се продаде по ниска цена со што имаше и голем  интерес за негово  купување, рече Чурлиновски.

Сопственикот на Дока текстил Тони Пандев потенцира дека двата нови производни капацитета ќе обезбедат работа за 1000 луѓе во текстилните фабрики во општина Валандово.

- Двете фабрики ќе се занимаваат со производство на текстилни производи кои се наманети 100 проценти за пазарте на ЕУ. Во нив ќе се произведува на годишно ниво околу 5.000.000 парчиња. Стратешки партнер е Грција, а производите кои се пласираат на пазарите на ЕУ работат за познати брендови како Strees One од Германија, Verhouse и Assos од Англија, рече Пандев.

Истакнувајќи ги поволностите за реализација на инвестицијата во зоната, како ниската цена и ослободувањето од  комуналии, тој потенцира дека тоа се добри услови за работа и вистински предизвик да се почне да се инвестира.

Во Индустриската зона Раброво  во наредниот период ќе бидат отворени уште осум објекти, меѓу кои капцитети за производство на сончеви колектори, флаширање вода, изолациски панели, урбана опрема, фабрика за конзервирање зеленчук и слично. Само во инвестиции во објекти во зоната ќе влезат 15 милиони евра.