Свечена заклетва на питомците во Воената академија во Скопје

Дваесет и пет питомци-студенти од прв циклус на студии во учебната 2012/2013 година од Македонија, по три од Босна и Херцеговина и Црна Гора и четири од Косово, како и четворица слушатели на курсот за авијатичари денеска дадоа свечена заклетва во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.

Со свечената изјава питомците - студенти од прв циклус го почнаа своето четиригодишно школување на студии на Воената академија во Скопје, а по завршување ќе добијат чин потпоручник и ќе станат дел од офицерскиот кор на Армијата на Република Македонија. Четворицата слушатели на курсот по негово завршување ќе станат воени пилоти. Нивната обука се реализира во Центарот за обука на пилоти во кој паралелно заедно работат македонски и израелски инструктори.

Министерот за одбрана Фатмир Бесими порачувајќи им да чекорат храбро, професионално и со високо знаење, секогаш со позитивен дух на знаење и соработка и меѓусебно почитување. Тој им посака да истраат во определбата да се образуваат во воена институција и, како што рече, со тимска работа да ги надминат сите премрежја или можни проблеми, и да ја постигнат целта да станат офицери во АРМ.

- Со ова го продолжуваме стремежот да градиме добрососедски односи, да го повратиме епитетот лидер во регионалната соработка во одбраната. Со користење на високо квалитетни и усогласени наставни програми образуваме високо професионални кадри кои на еден стандардизиран начин ќе работат рамо до рамо со своите колеги во регионот и сите зедно во еден колективен безбедносен систем како што е НАТО,  денес како офицери на партнерски земји, а утре некои од вас и како офицери на НАТО Алијансата, истакна Бесими.

На државно ниво, додаде тој, потребно е сега, но и во иднина, да работите на подобрување на стандардот и имиџот на воените лица соодветно на највисоката довербата која ја имаат граѓаните во Армијата.

Деканот на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ Росе Смилески, потсетувајќи на досегашните активности, оцени дека Академијата прераснала во регионална, што, според него, е благодет, но истовремено и голема обврска.

Студентот Орце Николов од Радовиш нивото на соработка меѓу питомците од земјава и странство ја оцени како одлична. - После четири години се надевам дека ќе станам офицер и заедно со колегите од земјава и од странство ќе го направиме Балканот посигурно и побезбедно место за живеење, рече Николов.

Милош Гдењиќ, студент од Косово во име на останатите колеги се заблагодари за можноста да се образуваат во Воената академија во Скопје и изрази надеж дека по четири години ќе станат офицери во своите армии.

Трета година по ред, на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје, покрај питомците од Македонија се образуваат и питомци од земјите од регионот.