Сарачини - Партс: Економската соработка меѓу Македонија и Естонија е на ниско ниво

Продлабочувањето на економската соработка меѓу Македонија и Естонија, а особено воспоставувањето на нови бизнис врски беа тема на денешната средба во Скопје меѓу министерот за економија Ваљон Сарачини и естонскиот министер за  економски развој и комуникација Јухан Партс.

- Економската соработка меѓу Македонија и Естонија е на ниско ниво и затоа поинтензивно треба да се работи на подобрување на состојбата. Добра можност за тоа претставува денешниот бизнис форум во Скопје на кој естонските и македонските компании ќе имаат директна можност за да воспостават нови бизнис врски, изјави министерот Сарачини по средбата.

Нагласи дека станало збор и за макроекономските податоци на двете земји и за кризата во ЕУ и како таа се рефлектира во Македонија.

- Се согласивме да формираме билатерално експертско тело за да можат компаниите од Естонија и Македонија да работат повеќе на привлекувањето пари од Европските фондови, поконкретно од ЦИП програмата за проекти од претприемништвото, иновативноста и конкурентноста, рече Сарачини.

Естонскиот министер Партс изјави дека е неопходно да се работи на продлабочување на трговската размена и на инвестициите меѓу двете земји, како и на насочување на македонската трговија кон балтичките земји.

- Денешниов и утрешниот ден ќе ги искористиме за директни средби меѓу компаниите бидејќи сме практични луѓе и сакаме преку практични активности да се продлабочи соработката, рече Партс.

Престојот на државната делегација на Естонија предводена од министерот за економија Партс, министерот Сарачини го оцени како поттик во наредните месеци во Македонија да претстојува првата група естонски туристи. Надеж за тоа му влева што токму естонскиот министер за економија првпат ја посетил Македонија приватно како турист во 2006 година.

Македонија во Естонија извезува овошје и зеленчук, а најмногу увезува месо. Вкупната трговска рамена со Естонија во 2011 година изнесувала околу 1,6 милиони долари, додека во првите седум месеци од годинава нешто помалку од милион долари, од кои само 150.000 долари се извоз од Македонија во Естонија. Естонците лани инвестирале 1,22 милиони евра во Македонија, а во првата половина од годинава 320.000 евра.