МВР и ОБСЕ ќе го продолжат проектот „Безбедност во училиштата“

Учениците сакаат да комуницираат со полицијата и да се едуцираат како да избегнуваат насилство и други ризици, вклучувајќи ги и тие на социјалните мрежи. Нивната подготвеност за унапредување на позитивни вредности, како толеранција, разбирање и дружење, го поттикна Одделот за превенција при СВР Скопје и оваа учебна година да го продолжи проектот „Безбедност во училиштата“, финансиран од ОБСЕ.

Минатата година тој ги опфати средношколците од прва и втора година во пет скопски училишта: „Арсени Јовков“, „Методија Митевски-Брицо“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Вклахов“ и „Здравко Цветковски“. Во оваа учебна година проектот, кој Одделот на СВР го осмисли во соработка со ОБСЕ, ќе се прошири и во девет основни училишта во Скопје во кои ќе ги опфати учениците во седмо и во осмо одделение.

Проектот се спроведува така што во училиштата работат клубови за превенција, а учениците на  интерактивни работилници учат за ненасилство и соработувајќи со полицијата стекнуваат доверба во неа. Покрај едукативните содржини, има и спортски активности меѓу учениците од различни средини.   Мотото е „Мојата безбедност зависи од мене“, а со истиот наслов е подготвен и прирачник што се користи во наставата.

Од резултатите се задоволни во Одделот за превенција на СВР. Началнилникот Цена Чалчевска рече  дека на почетокот имало скептичност за успешноста на проектот, но дека нивните полициски службеници направиле значаен чекор во остварувањето на идејата за  заштита на човековите права и слободи и безбедни заедници. Задоволни се и директорите на училиштата кои добија сертификати за учество во проектот „Безбедност во училиштата“.

Неговото продолжение го најавија министрите за внатрешни работи и за образование и наука, Гордана Јанклоска и Панче Кралев, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија Ралф Брет.

Министерката Јанкулоска истакна дека за уште подобри резултати во учебната 2012/2013 ќе придонесе искуството од лани, но и фактотот дека заедничкото дејствување на сите вклучени страни е најдобар начин да се постигне посакуваната цел - безбедни училишта и деца заштитени од девијантни појави.

- Поентата на превенцијата, нејзината фундаментална премиса, е дека е многу подобро да се спречи отколку да се лечи. Затоа превенцијата има должност и обврска да укажува за последиците пред тие да се случат. Да се биде максимално активен пред да стане предоцна, рече Јанкулоска.

Министерот Панче Кралев ја посочи одговорноста на возрасните и на институциите за безбедноста на децата. - Училиштата имаат значајна улога во заштитата на децата од насилството, а вработените имаат обврска да овозможат безбедана средина  која ќе го почитува и поддржува  достоинството и развојот на децата.... Безбедноста на децата во училиштата е основен предуслов за обезбедување чувство на припадност во општеството, како и за создавање атмосфера на доверба и соработка, рече Кралев.

Амбасадорот Ралф Брет истакна дека ОБСЕ веќе десет години работи на проекти кои промовираат безбедност во училиштата. За конкретниот проект посочи дека учениците имале можност да се запознаат со секојдневното полициско работење, да посетат полициски станици, да ја зголемат свесноста за физичките и социјалните последици од употребата на дрога и да ги запознаат основните човекови права.

- Опуштената атмосфера им овозможи на учениците да го разберат сопственото однесување во однос на толеранцијата и почитта кон разликите. Во финалната фаза од проектот, голем број од нив ја нагласија зголемената меѓусебна доверба со полицијата, како и рушењето на постојните стереотипи поврзани со полицијата. Најважно е што проектот овозможи подигање на свеста на учениците во однос на предрасудите од кој било тип за одредени групи или индивидуи, рече Брет.

Проектот се спроведува во главниот град зашто во него се случуваат   над една третина од вкупниот број кривични дела на малолетници во државата. Презентирајќи ја статистиката во 2011 во однос на 2010, инистерката Јанкулоска рече дека имало благо намалување на малолетничкиот криминал, односно 1.849  случаи лани во однос на 2.136 во 2010. Најчести кривични дела (1.589) се имотни деликти - тешки кражби и кражби.

Но минатата година имало двојно повеќе насилничко однесување и нарушување на јавниот ред (103) во споредба со 2010 (59) во кои учествувале ученици.  Од 103-те насилнички инциденти лани, два имаа фатален исход – ученик од Скопје почина од удар, а ученик во Тетово беше убиен со пиштол од соученик. Единаесет малолетници добиле тешки телесни повреди. Во евидентираните случаи на малолетничко насилство лани, најчесто е употребена физичка сила (85), во девет случаи малолетниците користеле тврди предмети, во шест случаи нож, во два е пукано со пиштол и во еден случај удар со пиштол.