Реафирмирана поддршката од Финска за евроинтеграциите на Македонија

Стратешките приоритети на Република и поддршката на Република Финска во нивното остварување, особено во функција на добивање датум за почнување на пристапните преговори со Европската Унија, биле тема на денешните средби на министерот за надворешни работи Никола Попоски, за време на неговата работна посета на Република Финска.

Како што соопшти МНР, за време на посетата, Попоски се сретна со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Република Финска, Ерки Туомиоја, како и со спикерот на финскиот Парламент, Еро Хеиналуома.

- Покрај очекувањето за цврста поддршка од Финска во остварувањето на нашите цели, министерот Попоски го пренесе и интересот за натамошно продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Република Финска која, на билатерално ниво, беше оценета како добра, стои во соопштението.

Министерот Туомиоја изразил уверување дека Република Македонија ќе продолжи со несмалена динамика во процесот на реформите, реафирмирајќи ја истовремено финската целосна поддршка, како политичка, така и техничка, во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.

На средбата во Парламентот на Финска, претседателот Хеинолуома, ја истакна целосната заложба на финскиот Парламент на процесот на проширувањето на ЕУ, а во тој контекст и зачленувањето на РМ во Унијата. Хеинолуома го поздрави процесот на формирање на пратеничката група на Парламентот на Финска за соработка со Собранието на РМ.

Во рамките на програмата, МНР Попоски имаше излагање на Алексантери Институрте при Универзитетот во Хелсинки, на тема „Македонскиот пат кон Европа: има ли светло на крајот на тунелот?“. Во својот настап, министерот Попоски исцрпно ги презентираше реформските процеси во нашата држава, како и заклучоците од Пристапниот дијалог на високо ниво. Министерот Попоски одговори на повеќе прашања од присутните вклулувајќи го и актуелниот моментум во врска со спорот за името, стои во соопштението од МНР.