Министерот Веле Самак ja посети битолската индустриска зона „Жабени“

Министерот за странски инвестиции Веле Самак, денеска во придружба на градоначалникот Владимир Талески оствари работна посета на битолската индустриска зона „Жабени“.

Редовните работни посети и средби со луѓето вклучени во реализацијата на инвестиционите проекти како практика на министерот Самак се од значење за запазување на роковите и овозможување на соодветната поддршка на Владата на Република Македонија, беше посочено за време на посетата на зоната каде своја фабрика гради германската компанија „Кроберг и Шуберт ГмбХ“.

- Градбата на фабриката се одвива согласно предвидените рокови и се очекува да биде завршена до ноември оваа година. Истовремено компанијата веќе има објавено огласи за вработување на директни оператори. Планот е до крајот на ноември да се реализираат и првите 100 вработувања за кои ќе има и посебен тренинг. Ги охрабрувам сите заинтерсирани кандидати, да ги следат огласите да се обратат до Агенцијата за вработување – Центар за вработување на општина Битола, истакна министерот Самак и предочи дека секој успешен градоначалник треба да го следи примерот на Талески.

На денешната средба со новинарите во битолската индустриска зона „Жабени“, градоначалникот Талески посочи дека континуираните инвестиции се стратешка определба на локалната самоуправа и потврди дека за нов директор на зоната го назначил Сашо Илковски.

- Благодарение на поддршката на Владата на Република Македонија стигнавме до оваа фаза од изградбата на индустриската зона „Жабени“ и секако до најголемата инвестиција, односно фабриката за производство на кабли за електроника за автомобилската индустрија. Очекуваме до 15 ноември да заврши градбата и да почне инсталирање на опремата за производство, истакна градоначалникот Талески.

Германската компанија „Кромберг и Шуберт ГмбХ“ во мај 2011 година донесе одлука да инвестира во Република Македонија, а на 2-ри јули годинава Владата на Република Македонија потпиша договор за инвестиција вредна над 20 милиони евра.

Оваа прва германска гринфилд инвестиција е од големо значење не само за општина Битола, туку и за целата држава бидејќи со истата ќе се обезбедат над 2.500 нови директни работни места. Се очекува фабриката да започне со производство во првата половина на 2013 година, беше истакнато за време на денешната посета на министерот Веле Самак на индустриската зона „Жабени“-Битола.