Промовиран проектот за е-пристапно образование

УСАИД во Македонија и Здружението „Отворете ги прозорците“ денеска го промовираа проектот за е-пристапно образование, кој има за цел да ја подобри инклузијата и квалитетот на учеството на децата со посебни потреби во редовно образование.

Во рамки на овој проект се имплементира асистивната технологија во основното образование, се инвестира во опрема, а организирани се и обуки за наставниците. Со овој проект, на локално ниво ќе се поддржат 30 избрани училишта за примена на асистивна информатичка технологија, обука за училишни дефектолози и стручни тимови за употреба на оваа технологија и обезбедување асистивни уреди за 30-тина ученици со хендикеп од училиштата кои ќе бидат вклучени во проектот. Ќе се работи и на прилагодување во електронска форма на 20 учебници од основното образование и ќе се изработи софтвер за поддршка на описменувањето, читање и пишување.  

- Постигнавме одличен напредок во модернизацијата и компјутеризацијата на училиштата и оспособувањето на наставниците, преку континуиран професионален развој и воведување нови методи на работа, рече министерот за образование и наука Панче Кралев и додаде оти МОН е посветено на подобрување на вклученоста на учениците со посебни потреби во редовниот образовен процес.

Проектот на УСАИД за е-пристапно образование, спроведуван од „Отворете ги прозорците“, како што истакна, ќе ги надгради првичните позитивни искуства кои во изминативе две и пол години ги стекнаа дваесет и едно основно училиште. Тој ќе понуди модел за примена на индивидуален пристап и нови методи за поддршка на учениците со посебни образовни потреби во образованието.

- Проектот, кој ќе продолжи да работи со првичните дваесет и едно училиште и дополнителни девет, ќе придонесе за подобрување на инклузивноста на образовниот систем и ќе овозможи поквалитетно образование и еднакви можности за сите ученици, што претставува основа за целосно вклучување на лицата со хендикеп во сите сфери на општественото живеење како рамноправни и активни граѓани, рече Кралев.

Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс истакна дека со воведувањето на асистивната технологија во Македонија беше дадена поддршка за подобрување на образовните можности за учениците со попреченост, како и зголемување на нивната самодоверба бидејќи сега тие можат да работат посамостојно во однос на изработувањето на нивните домашни задачи.

Промовирана беше и новата публикација „Асистивна информатичка технологија за поголема инклузивност на образованието: Анализи и препораки“.

Проектот за е-пристапно образование се очекува да заврши до јуни 2014 година.