Комитет за туризам: Законски измени за точна евиденција на бројот на туристи

Во Владата на Република Македонија, денеска(четврток, 04.10.2012 година) се одржа 11-тата редовна седница на Комитетот за туризам со која претседаваше претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски.

На седницата се разгледуваа можностите за измена и дополнување на Законот за странци и на Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште на граѓаните, во насока на обезбедување на точна евиденција за бројот на туристи кои годишно ја посетуваат Република Македонија. Притоа, беше заклучено во подготовка на законските решенија да се искористат искуствата кои Република Словенија ги применува за регистрација на туристите.

Беше заземен и став Министерството за внатрешни работи, согласно законите и процедурите,  да изработи нови формулари за евиденција на туристите, и да се воспостави систем на размена на податоци со Државниот завод за статистика преку кои Заводот би можел попрецизно и посеопфатно да ги обработува информациите во врска со туристичката дејност.

Беше акцентирано и почитувањето на обврската за пријавување на туристи од страна на туристичките работници во земјата, за што во идниот период ќе бидат спроведени мерки за информирање на јавноста.

Дополнително се разгледуваа и акциските планови на Националната стратегија за развој на туризмот и Стратегијата за рурален развој на туризмот за што се донесоа заклучоци за реализација на конкретните активности и проекти содржани во нив.

Воедно, Комитетот за туризам расправаше и за можноста за зголемување на соработката со Ауринкоматкат Сантурс, која претставува најголема туристичка агенција во Република Финска која носи туристи во Република Македонија.