Конференција: Отворените податоци од институциите корисни и за граѓаните и за фирмите

Податоците од јавен карактер на дванаесет државни институции структуирани во 30 регистри стануваат  достапни за потребите на бизнис заедницата и на граѓаните преку веб порталот openadata.gov.mk на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Достапноста на податоците во електронски формат треба да овозможи дополнителна вредност за фирмите, нови вработувања и нови бизнис модели, оценија учесниците на конференцијата „Користа на отворените податоци“, што се одржува денеска во Скопје. Таа е дел од активностите на МИОА  во рамки на иницијативата Отворено партнерство со Владата, што се реализира во соработка со Светската банка.

Диме Цветкоски, претставник на ИКТ Комората МАСИТ, оцени дека од иницијативата за достапност на јавните податоци ќе имаат полза сите партнери, Владата, граѓаните и приватниот сектор. - Од една страна владините и јавните установи  како даватели на податоци ќе мора да ги средат своите податоци, а од друга страна  граѓаните и претпријатијата како корисници на тие податоци ќе можат  на лесен начин од каде било да пристапуваат до нив.  Некаде помеѓу нив, на ИКТ фирмите, големи и мали, искусни и новоформирани,  ќе им се отворат нови можности за развој на проекти и апликативни решенија, рече Цветкоски.

Според него, иницијативата е особено значајна за младите стручни кадри кои допрва се појавуваат на пазарот. Со стекнатото технолошко знаење,  младешниот ентузијазам и минимални почетни вложувања ќе можат  да се вклучат на пазарот на апликативен софтвер со свои иновативни решенија. Постојните ИКТ  фирми пак ќе се вклучат со директни вложувања или со финансирање  технолошки инкубатори, наведе Цветкоски.  

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, нагласи дека секоја Влада што  ќе ги отвори податоците ќе им овозможи на граѓаните да имаат подобри факти, врз база на кои ќе носат поконкретни одлуки и ќе заштедат време и пари. 

Дванаесетте институции со 30 регистри коишто  имаат  електронска база на податоци, меѓу другото нудат информации од повеќе инспекторати, за тоа  кои се инспекциите што се реализираат на терен, кои се извештаите... - И токму  овие регистри беа побарани од приватниот сектор бидејќи тие увидоа дека со овие податоци можат да креираат нови апликации  кои за нив ќе имаат дополнителна вредност и ќе имаат приход, изјави Ивановски.

 - Со оваа иницијатива  која ја имаме  во соработка со Светската банка, Македонија ќе биде лидер во регионот. Продолжуваме со соработката со останатите институции да им помогнеме да ги отворат  податоците во обработлив формат, а со тоа и го повикуваме приватниот сектор да може да ги искористи овие податоци  и да креира нови апликации, нови услуги со коишто граѓаните ќе  бидат задоволени, наведе министерот за информатичко општество.  

Пристапот до информации кога станува збор за МВР, според министерката Гордана Јанкулоска, е една од придобивките за граѓаните со Законот  за слободен пристап до информации. - Од статистиките кои ги гледам  можам со задовлство да кажам дека  речиси нема неодговорени прашања во МВР. Тоа делумно е резултат на ажурноста на службите и на прецизноста на  роковите  во законот. И понатаму ќе продолжиме со соработаката  со граѓаните и сите податоци кои се од јавен карактер, значи не нарушуваат ничии слободи и права, ниту во делот на заштита на лични податоци ниту во делот на заштита на државниот интерес, и понатаму ќе бидат достапни, најави Јанкулоска.

Координаторот на програмата ИКТ на Светска банка Олег Петров смета дека со досегашните активности наскоро Македонија ќе го дели своето искуство и знаење. Многу бргу се движи по овој пат и станува регионален лидер за отворени податоци. Има уште многу  да се направи, но досегашната динамика е многу позитивна, рече Петров.

По приклучувањето на Република Македонија кон глобалната иницијатива за Отворено партнерство со Владата, на 1 јуни годинава беше усвоен и Акциски план за реализација на приоритетите од таа иницијатива.