Отворена првата Академија за менаџери

Со првото викенд предавање на 2-ри идниот месец и официјално ќе стартува Академијата за менаџери што ја отвора Сојузот на стопански комори во соработка со Сити колеџот од Солун при Универзитетот од Шефилд.

Како што беше речено на денешната промоција, Академијата ќе овозможи доедукација, стекнување вокациска обука и дополнителни квалификации за кадрите од компаниите во делот на бизнисот и деловното работење. - Менаџерите од македонските компании отсега ќе имаат можност да ги надградат своите знаења и да се доквалификуваат по светски стандарди. Академијата, на која ќе предаваат истакнати професори, ќе врши научно-истражувачка дејност од областа на менаџментот и економијата, како и кратки програми, курсеви по модули, обуки за менаџерски кадар од областите корпоративно управување, менаџмент, управување со финансиски текови, управување со ризици, водење преговори, маркетинг и модули за едукација на државни службеници за менаџирање во јавната администрација, рече министерот за образование и наука Панче Кралев.

Тој најави доделување 10 стипендии за четири образовни модули од предвидената програма.

- Кандидатите што ќе се запишат на една од програмите за менаџери и кои успешно ќе ги исполнат условите ќе добијат признати сертификати и дипломи од Универзитетот Шефилд. Отворени сме и за учесници кои сакаат да посетуваат модули од областа на менаџментот, маркетингот и финансиите поединечно, независно од тековните програми, рече директорката на Академијата Марија Никовска.

- Академијата е можност за доедукација на стопанствениците, за надградба на нивните знаења и вештини. Нејзиното отворање е конкретна потреба што ја наметнаа екстремно брзите движења во светот на бизнисот, нагласи Митко Алексов од Сојузот на стопански комори. 

На Академијата се ангажирани врвни професори од Шефилд и други реномирани универзитети, а ќе се одвиваат само за време на викендите. Промотивно предавање е закажано за 19-ти октомври.

Иницијативата за отворањето на Академијата, прва од ваков тип во Македонија, почна со потпишувањето Меморандум на 1-ви март годинава.