Прилеп го одбележа Денот на народното востание

Во Прилеп денеска со бројни манифестации се одбележува 11 Октомври -  Денот на народното востание и почетокот на антифашистичката борба.

Делегации на Владата, Собранието, локалната самоуправа и претставници на партии и здруженија на граѓани положија цвеќе пред Могилата на непобедените и алејата на народните херои, како и пред спомениците на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто и на идеологот на народната револуција Кузман Јосифоски-Питу.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој заедно со замениците министри за земјоделство и за образование Зоран Коњановски и Сафет Незири денеска беа во Прилеп, изјави дека борците од НОБ се бореле за слобода која денеска ја имаме.

- Како нова генерација имаме нова борба, а тоа е борбата за зачленување во Европската унија и НАТО и борбата за поголем економски развој. Радува позитивниот извештај од Европската комисија кој е валоризација на целокупниот труд на сите институции, истакна Јанакиески.

Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, она што го правеле предците е голема порака до сегашните и идните генерации кои треба да се грижат за економскиот просперитет на Македонија.

Владината делегација во месноста Бегова ливада свечено го означи и почетокот на работите за поврзување на новите 10 бунари во градската мрежа кои со пари од Владата се изградија со цел Прилеп да нема проблем со водоснабдувањето.

- Во изградбата на 10-те бунари кои на градот ќе му донесат нови 100 литри вода во секунда кога е кризно време, Владата вложи 650.000 евра. Со тоа комплетно се решава проблемот што градот го имаше со водата за пиење кога дарежливоста е ниска на „Студенчица”, истакна министерот Јанакиески.

Соред директорот на ЈП „Водовод И канализација” Сашо Николоски бунарите може да бидат во функција за четириесетина дена.

Во чест на празникот во Меморијалниот музеј беше промовирана и монографијата „Победничкиот истрел – 71 година од утрешнината” од новинарот Елизабета Митреска.

- Многу е пишувано за 11 Октомври.  Во монографијата се факти, слики, акти документи за состојбите во Македонија и Прилеп 1941 со главен акцент и простор за самиот настан на 11 октомври, за борците на прилепскиот одред „Гоце Делчев“, нивните сведоштва. Монографијата е за да не се заборават големите луѓе кои ги водеа своите и нашите битки за самостојна и независна држава Македонија. За да паметат и нашите деца, вели авторот Митреска.

Напладне беше означен и почетокот на реконструкција и санација на градскиот саат што ги финансираат Министерството за култура и локалната самоуправа, а жителите на прилепското село Радобил од денеска имаат нов асфалтиран пат во должина од 7,5 километри. Средствата се обезбедени од програмата на Министерството за транспорт и врски за регионални и локални патишта.