Јанкулоска на средба на министри за внатрешни работи на „Салцбург форумот“ во Матрахаза, Унгарија

Сузбивањето на илегалната миграција е еден од главните предизвици на граничната безбедност насекаде во светот. Последните случувања на светската сцена, особено во регионите на Северна Африка и на Средниот исток доведоа до значително интензивирање на оваа појава, како во поглед на масовноста така и во однос на фреквентноста на илегалните мигранти. Со тоа, овој феномен одамна ги надмина рамките на појава со која треба да се справува само граничната полиција на национално рамниште, туку стана приоритетно прашање кое се решава на највисоко ниво во сите европски земји.

Ова го нагласи меѓу другото министерката за внатрешни работи  Гордана Јанкулоска во нејзиното денешно обраќање на средбата на министрите за внатрешни работи на „Салцбург форумот“ што се одржува во Матрахаза, Унгарија, а во рамки на унгарското претседателство со Форумот.

Говорејќи за промената на трендовите во миграционите движења во последниве години, министерката Јанкулоска посочи дека иако вкупниот број на илегални минувања не е зголемен, сепак има големи промени во земјите на потекло и во етничката припадност на мигрантите, чија цел не е веќе сезонски престој и работа, туку главно транзит преку Македонија кон западноевропските земји. Притоа таа истакна дека се појавуваат мигранти од земји од кои досега не е забележан случај на илегална миграција, или истата била во занемарлив број како државјани на Пакистан, на Сомалија, на Авганистан, на Сирија, Ирак, Иран, кои најчесто во групи од 4 до 10 луѓе илегално влегуваат од Грција од таму во Република Македонија со намера да стигнат до крајните дестинации – земјите од западна Европа.

- Следејќи ги таквите глобални трендови на ова поле, Република Македонија презеде еден широк спектар мерки за соодветен и сеопфатен одговор на тие појави, нагласи министерката Јанкулоска презентирајќи дел од поважните активности што во таа сфера ги превземаат македонските институции, пред се Министерството за внатрешни работи.

Таа наведе дека Република Македонија донесе неколку стратешки документи, како што се Резолуцијата на миграционата политика и Стратегијата за Интегрирано гранично управување и спроведувањето на договорите за реадмисија, чиишто целосни имплементации претставуваат еден од врвните приоритети во оваа област. Ја потенцираше соработка на МВР со ФРОНТЕКС, потоа соработката со соседните држави, преку воспоставување заеднички контакт центри за полициска соработка, изведување мешани полициски патроли на заедничка граница со соседните држави, како и вопоставување мобилни единици на централно ниво за борба против илегалната миграција во внатрешноста на државата и модернизација на опремата и техничките средства.

Како резултат на преземените мерки во оваа област, според статистичката евиденција, бројот на илегалните мигранти кои се регистрирани на територијата на Република Македонија е со намален интензитет. Така, ако во минатата 2011 година беа откриени 469 илегални мигранти, во текот на изминатите девет месеци од оваа година откриени се вкупно 305 лица кои илегално ја преминале или се обиделе да ја преминат државната граница. Од оваа бројка, при илегален влез во Република Македонија откриени се 48 лица, во обид да излезат од Република Македонија откриени се 53 лица, додека во внатрешноста на државата откриени се 204  лица.

- Овој успех во голема мера се должи и на непречената и брза размена на информации и искуства со соседните земји, соработката со меѓународните организации и агенции како и нашето учество во регионалните иницијативи, проекти и механизми. Ваквата соработка ни овозможи увид во целосната слика на регионалните и глобални токови на миграцијата, но и можност за претходна антиципација на потенцијалните закани проследено со навремена подготовка на соодветен одговор, истакна Јанкулоска.

Во оваа прилика, соопшти денеска МВР, министерката ја потенцирала и важноста на тесната соработка која е воспоставена со земјите кои се најчеста дестинација на барателите на азил од Република Македонија.  

Повеќе од убедени сме, рече Јанкулоска, дека токму соработката со земјите од Западен Балкан како и со останатите меѓународни организации е круцијална за унапредување на борбата против нелегалната миграција.

Република Македонија од 2011 година, потсети, континуирано учествуваше во заедничките операции во организација на ФРОНТЕКС, преку распоредување наши гранични полициски службеници во странство. Во периодот од 03-24 октомври 2012 година, прв пат во рамки на овие операции Македонија ќе биде домаќини на странски полициски службеник, распореден во ПС за ГП „Аеродром Скопје”. Истовремено, во рамки на ДЦАФ Програмата за гранична безбедност веќе се договорени заеднички операции на земјите учеснички кои ќе се реализираат на граничните премини и на зелените граници во регионот. Во операцијата планирана за периодот 11 - 18 ноември годинава Македонија ќе учествува со четворица деташирани полициски службеници во странство, а пак во втората операција ПС за ГП Богородица ќе биде домаќин на 6 полициски службеници од регионот.

- Дозволете ми да ја истакнам искрената заложба и цврстата увереност на Република Македонија за заедничка соработка во сите сегменти на превенцијата и сузбивањето на меѓународната илегална миграција, со посебен акцент на безбедна Европа за добро управување со миграционата политика на ЕУ и на областа правда, слобода и безбедност, како еден од клучните елементи за решавање на регионалните проблеми, но и како механизам за зајакнување на улогата на ЕУ на глобално рамниште, потенцира министерката Јанкулоска.

Инаку, на годинашнава средба на Салцбург Форумот (во кој членуваат Полска, Хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија, Австрија, Словачка и Чешка) на којшто присуствуваа претставници на ЕК, како и министри за внатрешни работи од земјите на западен Балкан, соопшти денеска МВР, темите на разговор се однесуваат на сферата на миграционите политики, како и за проблематиките поврзани со трговијата со луѓе.