Димовски: Успешна првата фаза од откупот на тутунот

Првата фаза од предвремениот откуп на тутунот успешно е завршена, изјави министерот за земјоделство Љупчо Димовски, кој денеска присуствуваше на одбележувањето на 11 Октомври во Прилеп.

- Во првата фаза во септември откупени се над 350 тони по просечна цена од 150 денари за килограм од три компании кои поднесоа барање за откуп. Тоа е сосема добро и задоволувачки. Откупуваа „Сокотаб” од Битола, „Алијанса” од Кавадарци и Прилепскиот тутунски комбинат, истакна министерот Димовски.

Тој очекува во втората фаза која започнува од 15 октомври да се откупат околу 3.500 тони што ќе биде добро за зимскиот откуп на тутунот кога ќе има порелаксирани услови.

Според него, временските услови се одлични и ќе се зголемат количествата тутун, иако на почетокот на расадувањето се сметало дека реколтата ќе биде помала.

- Временските прилики тогаш ни даваа за право да мислиме дека реколтата ќе биде тешка околу 19.000 тони, но сега може да се каже дека ќе имаме реколта од над 22.000 тони, оцени Димовски.

Најави дека субвенции за тутунот ќе има и за новата реколта. - Субвенции за тутунот ќе има, онака како што е договорено и според програмата на Владата за субвенционирање, истакна Димовски.