Средби на минстерот Попоски на маргините од 14. Самит на Франкофонијата во Киншаса

Перспективите на евроатлантските интеграции на Република Македонија биле меѓу темите на денешните билатерални средби на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски со повеќе европски партнери на маргините од 14. Самит на Франкофонијата што се одржува во Киншаса, Демократска Република Конго.

- Самитот на Франкофонијата во Киншаса е одлична можност денес и утре да размениме мислење и оствариме бројни средби со повеќе земји. Во прв ред би ги спомнал нашите европски партнери како Франција, Белгија, Луксембург, со кои разговаравме на повеќе теми  поврзани со регионалните интеграции и перспективите за проширување во контекст на ЕУ и НАТО, рече министерот Попоски кој е шеф на делегацијата на Република Македонија.

За останатите средби и дискусии кои ги имал, посочи, беа повеќе од мултилатерален карактер, за придонесот кој може да го има организацијата како Франкофонијата во промовирање на вредности како демократски принципи, почитување на човекови права.

- Република Македонија може да даде добар придонес особено што сме земја, која дава особено значење на почитување на правото и владеење на правото и демократските принципи, така што мислам дека овие контакти ни се добра можност да размениме мислења и ставови со претставници со кои немаме можност често да остваруваме средби во Африка и во Азија, рече Попоски.

Една од темите за коишто се дискутирало на овој меѓународен форум, се и економските предизвици и можностите кои постојат во тој контекст, а опфатени биле и ефектите од глобалното затоплување. Македонија како релативно мала земја, оцени Попоски, има интерес да учествува на што е можно повеќе мултилатерални форуми и на тој начин да даде свој придонес во таа област.

На Самитот министерот Попоски ќе има свое обраќање во рамките на годинешната тема на Самитот - „Франкфонијата, еколошки и економски предизвици со кои се соочува глобалното владеење “.

На маргините на Самитот министерот Попоски, како што соопшти неговиот Кабинет, ќе оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои, со домаќинот, претседателот на ДР Конго Жозеф Кабила, со генералниот секретар на Меѓународната организација на Франкофонијата Абду Диоуф,  со генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова и други.

Во својот дипломатски дневник министерот Попоски ќе се осврне на Самитот на Франкофонија во Киншаса, каде организацијата ќе добие еден нов член и еден нов придружен член.

- Ги поддржуваме респективно нашите ерменски и катарски пријатели да бидат дел од франкофонската организација. Двете земји можат да ја забогатат идејата за глобално поврзување! Како земја која минувала трнлив пат кон регионални и глобални интеграции, Македонија принципиелно ги поддржува оние кои сакаат да се приклучуваат кон проекти за вредности, демократија и просперитет. Франкофони, ќем додаде Попоски во неговиот дипломатски дневник. 

Франкофонијата ја сочинуваат 49 земји членки, четири придружни земји и 10 земји со статус на набљудувачи на самитите на оваа организација.  Република Македонија стана полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата, на Самитотот на организацијата, што се одржа во Букурешт, Романија, во 2006 година.