Извештајот на ЕК во зравството констатира напредок

Европската комисија, во годинешниот извештај за напредокот на Република Македонија позитивно го оцени напредокот во делот на јавното здравје, а како посебно позитивни сегменти се истакнати донесувањето на новиот Закон за здравствена заштита, имплементацијата на интегрираниот ИТ систем, како и напредокот во областа на донесувањето на подзаконските акти за имплементација на Законот за хемикалии.

- Генерален заклучок од годинешниот Извештај на ЕК е дека РМ во последните години, во континуитет продолжува со позитивната оценка во областа на јавното здравје и Комисијата продолжува да ги нотира нашите напори за натамошно унапредување на здравствената заштита во државата, соопшти Министерството за здравство.

Според Министерството, ЕК како многу добра ја оценува и соработката со Европскиот центар за контрола на болести, (ЕЦДЦ), Светската здравствена организација и Глобалниот Фонд за ХИВ/СИДА и туберкулоза, како и добрата регионална соработка, особено основањето на седиштето на Секретаријатот на здравствена мрежа на Југоисточна Европа во Скопје. Позитивно е оценето и континуираното спроведување на Законот за заштита од пушење, кој е дополнително засилен со донесување на изменити за воведување построги санкции за прекршителите, како и континуираните контроли од сооветните инспекции.

- Прогрес е забележан во областа на безбедност на крвта и е посочено дека се обезбедени европски средства преку ИПА проект за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Институтот за трансфузиона медицина на ниво на цела држава. Исто така, ЕК позитивно го оценува развојот на интегрираниот систем за трансплантација, како и користењето на ТАЕХ инструментот за обука за здравствените професионалци кои работат на поле на транспланацијата, стои во соопштението.

Одреден напредок ЕК бележи и во областа за превенција и откривање на малигни заболувања, вклучувајќи го и отпочнувањето на скрининзи, во областа на превенција на штети од злоупотреба на алкохол.

Во Извештајот, ограничен напредок е забележан во областа на контрола на заразните болести заради недонесувањето на стратегијата за ХИВ/СИДА (која е во подготовка) и Националната стратегија за имунизација (која е веќе усвоена на Влада). Исто така, ограничен напредок е забележан и во делот на унапредување на менталното здравје, во однос на функционирањето на службите на ментално здравје во заедницата, како алтернатива за психијатриските институции, при што особено се потенцира потребата од зголемување на финасирањето на психијатриските боплници и центрите за ментално здравје во заедницата, како и потребата од зголемување на бројот на персонал во овие институции.

- За потсетување, токму во насока на подобрување на третманот на психички болните лица, во завршна фаза е реконструкцијата на Психијатриската болница Бардовци, во вредност од 190 милиони денари. Станува збор за целосна реконструкција на два објекта од комплексот - прво акутно и психогеријатрија и четврто и петто машко одделение. Со реконструкцијата се добива современ простор за третман на болните. Во тек е тендерот за набавка на нов медицински мебел кој ќе биде прилагоден за типот на пациенти, се вели во соопштението.

За опремата Министерството за здравство ќе вложи дополнителни 8.000.000 денари. Исто така, веќе се завршени градежните работи во Психијатриска болница во Негорци, каде Министерството за здравство инвестираше вкупно 27 милиони денари за адаптација и реконструкција на постоечката зграда (женско одделение-замена на целата внатрешна и надворешна столарија, реновирање на тоалети, замена на сите инсталации електрични и термотехнички како и системот за дојава на пожар). Исто така, обновена е и фасадата со поставување на термо изолација. Поради термичката заштита со поставување на нови прозорци и врати и фасада, постигната е заштеда на енергија и до 30 %. Оваа инвестиција придонесе за создавање многу подостојни услови за лекување на овој тип болни пациенти, стои во соопштението.