Министерот Попоски се обрати на Самитот на Франкофонијата во Киншаса

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска во обраќањето на Самитот на Франкофонијата, што се оджува во Киншаса, Конго, ја нагласи заложбата на Република Македонија за реализација на меѓународните цели за одржлив развој кои беа усвоени во јуни оваа година во Декларацијата од Рио.

Министерот Попоски, како што соопшти Министерството за надворешни работи, ја истакна подготвеноста на Република Македонија за развивање политики за одржлив развој, кои би придонесле, не само за намалување на сиромаштијата и зачувување на природата, туку и за економски развој на долг рок. Во своето обраќање министерот нагласи дека како членка на Меѓународната организација на Франкофонијата, Република  Македонија активно ја поддржува Франкофонијата во нејзините активности насочени кон решавање на кризи, спречување конфликти и поддршка на земјите во транзиција, притоа почитувајќи ги меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.

На маргините на Самитот, министерот Попоски оствари повеќе билатерални средби.

На средбата со Министерот за надворешни работи на Кралството Мароко, Сабедин Ел Османи, беше истакнато задоволство од добрите политички односи помеѓу Република Македонија и Кралството Мароко, кои се отсликуваат во редовни контакти на различни нивоа. Во исто време од страна на двајцата соговорници беше нагласена потребата од интензивирање на посетите на високо ниво и подобрување на економската соработка. Во тој контекст беа разгледани конкретни активности за зголемување на трговската размена помеѓу двете земји, како  што е организирање бизнис форуми во Скопје и Рабат.

Попоски истакна дека Македонија има направено голем напредок во делот на инвестициите, и е еден од водечките реформатори за привлекување на инвестиции според Дуинг бизнис извештајот на Светска Банка. За време на средбата двајцата министри се осврнаа и на прашања од областа на енергетиката и влијанието на економската криза во Европа врз економиите на Македонија и Мароко.

На средбата со претседателот на Тунис, Монцеф Марзуки, беа разгледани можностите за соработка и развој на билатералните односи меѓу двете земји. Тунискиот претседател го информира министерот за реформскиот процес во Тунис и за предизвиците со кои се соочува земјата при преминот од диктатура кон демократија. Воедно изрази надеж дека реформите ќе донесат позитивни промени во Тунис. Претседателот го истакна интересот на Тунис за соработка со мали земји како Македонија, со кои делат историски добри односи, но и земји кои имале позитивно искуство во процесот на демократизација. Минситерот Попоски го информираше тунискиот претседател за реформите кои ги има направено Македонија, особено во делот на судството. Исто така, тој информираше за стипендиите кои ги нуди македонската Влада за студирање на универзитетот за информатички технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, за што туниската страна изрази интерес за соработка.