МОН: Извештајот на ЕК констатира напредок во областа на образованието

Извештајот за напредокот на Република Македонија што Европската комисија го објави минатата недела констатира напредок во областа на образованието во Република Македонија. Се потенцира напредок во: правната рамка за основно и средно образование; рангирањето на универзитетите; започнувањето на докторски студии согласно Болоњскиот процес; стратегиите за воведување претприемничко образование и за образование на талентирани ученици; воспоставувањето на систем за верификација на провајдери на образование на возрасни и вклучувањето на возрасните во високото образование. Констатиран е пораст на завршените средношколци, како и во областите за кои со европската стратегија се поставени одредници до 2020 година. Значајно е намалувањето на раното напуштање на образованието и зголемен е бројот на лицата со завршено високото образование.        

Се констатира добар напредок во исполнувањето на условите поставени од ЕУ при подигнувањето на суспензијата на програмите Доживотно учење и Млади во акција. Зајакнати се системот на секундарни контроли на работата и менаџментот на Националната Агенција. Поздравено е пристапувњето на Република Македонија кон централизираните мерки на програмата Доживотно учење.    

Европската комисија, во годинешниот извештај го поздравува усвојувањето на Стратегијата за интегрирано образование.  Стратегијата започна да се имплементира со средства од неколку донатори а Министерството за образование и наука ќе обезбеди средства од Буџетот на Република Македонија.   

Извештајот констатира дека, генерално, напредокот во делот на предучилишното образование е под просекот на ЕУ. Постапувајќи по препораките од Извештајот од 2011 година, Република Македонија во 2012 година изврши истражување за позитивните ефекти од предучилишното образование на постигнувањата на учениците во основното образование.  Во таа насока Владата на Република Македонија усвои заклучоци за зголемени активности во насока на зголемување на опфатот на децата со предучилишно образование.

Меѓу останатото се укажува дека високото образование не ги одразува потребите на пазарот на трудот. Во таа насока Република Македонија ќе ги засили напорите високообразовните установи поинтензивно да се отвораат кон пошироката општествена средина и да ги прилагодуваат студиските програми согласно потребите на пазарот на трудот нешто на кое Министерството за образование и наука посветува и ќе посвети големо внимание во наредниот период. Во извештајот се укажува дека не е развиена Националната Рамка на Квалификации (НРК). Во насока на заокружување на НРК, работната група формирана од Министерството за образование и наука на крајот на септември ја изготви првата верзија на НРК со дефинирани и опишани нивоа при што очекуваме наскоро истата да биде финализирана.

Во делот за заемното признавање на професионални  квалификации, ЕК позитивно ги оценува реализираните активности на Република Македонија во оваа насока: формирањето на меѓуресорската работна група за признавање на професионалните квалификации, назначувањето на Национален координатор  како и усвојувањето на Организациска рамка на вклучени институции.  ЕК утврдува одредени слабости во овој дел, кои се однесуваат на нецелосната усогласеност на Законот за признавање на професионални квалификации со секторските директиви, како и слабиот административен капацитет на телата вклучени во процесот на прознавање на професионални квалификации. Со цел надминување на овие забелешки Министерството за образование и наука е вклучено во процесот на градењето на административните капацитети за признавање на професионалните квалификации  во рамките на Проект финансиран од Британската амбасада во Република Македонија.

Во делот на науката и истражувањето, Европската Комисија ја потенцира важноста од инвестирање во иновации и истражувањи што е посебен приоритет на Министерството за образование и наука. Во таа насока позитивно го оценува континуираниот напредок на земјата во однос на учеството во Рамковните програми (Седма Рамковна програма - ФП7). Учеството во ФП7 продолжува да се зголемува, подобрени се административните капацитети за организирање на промотивни активности, работилници и конференции во врска со можностите на Програмата.

Потпишувањето на Меморандумот за разбирање со Заедничкиот истражувачки центар (ЈРЦ), се бележи како напредок во однос на можноста за зголемување на размената на научниците и се констатира дека се превземени чекори за олеснето интегрирање на Република Македонија во ЕРА (Европскиот истражувачки простор), посебно акцентирајќи ја набавката на опрема за научните лаборатории за јавните универзитети и истражувачките институти.