Ставрески: Владата со нова мерка ќе ја раздвижува Берзата и подобрува ликвидноста на стопанството

Со нови реформски мерки кои се однесуваат на секторот претпријатија Владата ќе ја раздвижува Берзата преку која компаниите ќе може да обезбедат средства за финансирање. Со вчера донесената одлука предвидено е задолжително котирање на акционерските друштва на Берзата и намалување на трошоците за иницијална јавна понуда.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција соопштувајќи ја одлуката на Владата рече дека станува збор за микро економски реформи кои предвидуваат измена во Законот за хартии од вредност во кои ќе биде пропишано задолжително котирање на акционерските друштва кои исполнуваат одредени критериуми и тоа во рок од пет години.

- Ситуацијата во која најголемиот дел од потребните средства претпријатијата ги обезбедуваат од банките и тоа што од 539 компании во Македонија само 34 котираат на Берза, како и тоа дека годинава е преполовен прометот е неповолна ситуација од која Владата е незадоволна и затоа сакаме да преземеме мерки со кои ќе се променат работите, рече министерот Ставрески, додавајќи дека оваа мерка се надоврзува на успешната примена на слична мерка од 2002 година кога бројката на котирани компании од две се зголеми на 98 и оти позитивните искуства од неа покажуваат дека преку вакви решенија треба да се мотивираат компаниите да излезат на Берза како извор на финансирање.

Според Ставрески, целта не е секое акционерско друштво да дојде на Берза, туку преку утврдените критериуми да излезат на Берза квалитетните компании. Меѓу пропишаните критериуми ќе бидат бројот на акционери, капиталот и финансиските показатели на компанијата.

Тој потенцира дека ова е добра реформска мерка која на фирмите што излегуваат на Берза ќе им обезбеди алтернативен начин на финансирање во однос на банките и ќе го намали нивното задолжување, а со ова ќе се намали и цената на банкарските кредити.

- Кога банките сега се прилично во монополска позиција во однос на финансирањето, се разбира, условите за кредитирање зависат исклучиво од нивната волја. Меѓутоа, кога компаниите повеќе ќе котираат на берзата и кога ќе имаат можност преку Берзата тоа да го прават тие компании со самото тоа што се на берза кај банките ќе бидат оценети како потранспарентни со помал ризик и со самата помала задолженост ќе можат истовремено, освен берзанскиот капитал, да добијат и банкарски капитал со пониска цена, истакна министерот за финансии, според кој оваа мерка треба да се примени во овие околности кога банкарскиот капитал станува се помалку достапен заради општата ситуација во Европа и кризата и потребата банките да бидат повнимателни при кредитиањето, а ќе придонесе и кон раздвижување на берзата.

Во однос на цената, посочи дека таа ќе се намали на 5.000 денари кај сите вклучени во процесот, односно Комисијата за хартии од вредност, Централниот депозитар и Берзата, односно вкупно ќе изнесува 15.000 денари од иницијална јавна понуда, наместо досегашниот износ кој се определуваше процентуално од понудата. Со новата мерка, министерот Ставрески очекува бројот на котирани компании на Берзата да се зголеми за два до три пати.