Јавна расправа за Нацрт националната стратегија за развој на културата за периодот 2012-2017

Министерството за култура денеска организираше јавна расправа за Нацрт националната стратегија за развој на културата за периодот 2012-2017. Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето пред присутните рече дека нивна основна цел е новата Национална стратегија да го поттикне развојот на културата со целата нејзина комплексност.

- Стратегијата ги дефинира приоритетите во сите дејности во областа на културата и нуди ефективен одговор за потребата од основање Институт за истражување на културата, кој ќе овозможи планирање на развојот на културата. Во областа на издавачката дејност предвидовме основање Центар за книга, во ликовната дејност предложивме осовременување на постојните галериски услови за презентација на ликовните проекти, во музичката дејност се предвидува отворање Музички и книжевен центар итн., истакна Канческа Милевска.

Таа рече дека во изработката биле вклучени стручни лица од Министерството за култура кои со години ги следат состојбите во областа на културата, како и академици од Македонската академија на науките и уметностите.

Културата во Република Македонија, посочи таа, денеска се наоѓа во центарот на целокупниот општествен развој на државата, таа не е маргинализирана како во минатото, туку за неа се има посебно чувство.

- Владата посветува големо внимание за културата и културните вредности во државата. Изминатиот период се вложи многу енергија и средства за унапредување и развој на културата во државата. Министерството за култура првпат во историјата на независна Македонија се зафати со реализација на крупни проекти и капитални инвестиции кои имаат огромно значење за општествениот и културниот развој на државата, за обезбедување соодветни услови за работа на уметниците, за соодветно презентирање на нивното уметничко творештво, потенцира Канческа Милевска.

Забележлив е, како што рече, пристапот кон промовирањето на културата со значително зголемување на средствата за оваа намена, како и грижата за националните културни вредности.

Таа додаде дека новата Национална стратегија посветува посебно внимание на промоција и афирмација на македонската култура во странство.

Писателот Венко Андоновски ја поздрави Нацрт националната стратегија за развој на културата за периодот 2012-2017.

- Реализацијата на овој документ ќе зависи и од парите, а не само до нашата енергија, рече Андоновски.

Укажа дека во оваа национална стратегија се дава место и на независната културна сцена, но оти ќе мора да се поведе и сметка малку повеќе за дебитантите кои, според него, многу тешко доаѓаат до израз во културата. Тој предложи да се направи Фонд за една школа за преведувачи, која ќе биде долготрајна инвестиција.