Изложба на современ македонски накит во Брисел

Како одговор на позитивниот извештај за Македонија, Брисел доби македонски подарок во форма на накит. Галеријата на мисијата на Македонија во Брисел беше претесна за многубројните посетители кои вчера се појавија на свеченото отворање на изложбата на современ македонски накит. Дипломатскиот кор, членови на Европскиот парламент, претставници од секторот култура и други дадоа одлична критика за дизајнот и за изработката на накитот.

 „Неопходно беше да се слушне критика од неутрални лица,  луѓе кои немале допирни точки со македонскиот накит претходно. Овој чин треба да ги окуражи нашите млади дизајнери да продолжат активно со продукција и пласман, а преку тоа да обезбедат одржливост во работата и афирмацијата на македонскиот дизајн”, изјави Александар Велиновски, продуцент на изложбата.

Оваа изложба е последна од серијата проекти на Министерството за култура на Македонија за 2012 година. За следната година секторот за дизајн ќе биде поддржан со нови проекти од областа на креативните индустрии, но фокусот ќе биде ставен на индустријата за мебел и на индустрискиот дизајн. Поддршката во секторот за креативни индустрии  е една од најважните стратегиски определби на Министерството за култура на  Македонија.

На изложбата се застапени делата на: Ивана Кнез, Николина Симовска, Бранка Данчевска, Дијана Димитривска, Дафина Џепаровска, Нита Муча, Блашка Миева, Јасмина Абдул, Јасмина Главинче, Емилија Дамјановиќ, Елена Поповска, Илина Поповска, Виолета Видоевска, Марија Петровска  и Марија Роглиќ.