Поддршка и стимулации за музичко-сценското творештво во Македонија

Сојузот на композиторите на Македонија, Македонската филхармонија и Македонската опера и балет од идната година ќе организираат нова манифестација на која со награда што ќе биде највисоко признание за македонското класично музичко творештво ќе се вреднува работата на композитори, музиколози, ансамбли...

Првите луѓе на трите институции - Сони Петровски, Маја Чанаќевиќ и Дејан Прошев сметаат дека со стимулациите на музичкото творештво и поддршката и третманот на авторите - преку Годишната програма на Министерството за култура и конкурсите на институциите за откупи и нарачки на дела - се зголемил интересот за компонирање и бројот на понудени дела кои често се квалитетни и од млади автори.

Делото „Соништа“ на композиторот Илија Илиевски, што го откупи Филхармонијата,  премиерно ќе биде изведено на 15 ноември за нејзиниот 68-ми роденден. Во тек е конкурсот за балетско дело од македонски автор за премиерна изведба во 2013-та, а наскоро ќе бидат и  премиерите на битовата опера „Змејовата невеста“ на Стојан Стојков и Концертот за пијано и оркестар на Живоин Глишиќ, крупни дела што добија поддршка во Годишната програма на Министерството. Операта, пак, ќе ја постави „Леандер и Косара“ на музика од Сони Петровски, а наскоро ќе ја обнови и претставата „Лидија од Македонија“ за која музиката ја компонираше Ристо Аврамовски.

Две дела кои беа поддржани од Министерството оваа година имаа забележлив меѓународен успех - „Фантазија на две фолклорни теми“ која Дамир Имери ја напиша специјално за Симон Трпчески, имаше премиера во Норвешка, а потоа и во „Лисински“ во Загреб. Со „Варијации на традиционална тема за соло виолина“ на Глишиќ, пак, младата виолинистка Ева Богоевска освои прво место на престижниот Сан Ремо за јуниори.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција со претставниците од музичко-сценската уметност рече дека Министерството и натаму ќе го стимулира врвното и елитно македонско уметничко творештво и во оваа дејност на културата.

- Наш приоритет е негување на креативниот процес на создавање дела со висок уметнички квалитет  и стилска разноликост, дела со развојна компонента, професионално аргументирани и со тенденција за унапредување на музичката уметност во земјава. Воедно се грижиме и за унапредувањето на статусот на македонските автори, кои преку својот автохтон уметнички израз го афирмираа своето творештво и во меѓународни рамки, рече Канческа-Милевска.

Композиторите се задоволни што се нарачуваат дела од крупен формат, како симфонии, балети и опери, со кои ќе се внесе и свежина и разновидност во програмите и репертоарите на музичко-сценските институции.

Сони Петровски рече дека со различните облици на поддршка, стимулација од државата, конкурси од институциите, откупи и нарачани дела, се поттикнуваат се повеќе нови автори и верува дека и професијата  ќе биде поатрактивна.

Композиторот Стојан Стојков ја поздрави иницијативата што по еден празен период, како што рече, на едно место се разговара за современото музичко творештво во Македонија. Задоволен е и што покрај изведбите и фестивалите (Денови на македонската музика, Интерфест, Златна лира...) се поттикнува музичката научна дејност и им се овозможува на македонските музиколози и етномузиколози да учествуваат на балканските форуми.

Живоин Глишиќ рече дека треба да се стимулираат делата за кои ќе се процени дека се вистински вредни и заслужуваат внимание, а потврда за тоа е ако ги напуштат границите на земјава.  Со двократно искуство на претседател на министерската комисија за музичко-сценска дејност, тој оцени дека има неосновано побарување големи финансиски средства  од автори од  субкултурата. Предупреди и на нарушување на македонскиот фолклор до непрепознавање.  - Се руинираат фолклорните идиоми од ова поднебје зашто секој почна се да пишува, рече Глишиќ.