Владата ќе субвенционира решавање спорови со медијација

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Медијацијата како еден од алтернативните начини на решавање на споровите постои како законска можност во Република Македонија. Медијацијата е поефикасна, побрза, поекономична и поповолна за страните, поинаков начин на разрешување на спорните моменти, постигнување на заедничко прифатливо решение на двострано задоволство, со што се создава простор и понатаму да се продолжи со деловна соработка, комуникација или соработка на страните.  Ниту една од страните го нема чувството на победник, ниту пак губитник. Иако е извонредна можност за решавање на споровите, и е прифатена во европски рамки како добра практика, анализите на Владата покажаа дека иако досега се вложени сериозни напори таа не е развиена согласно проекциите и е недоволно искористена, иако е добра и позитивна за страните.

Владата на Република Македонија одлучи да преземе неколку мерки чија цел е зголемување на свеста на граѓаните за корисноста на медијацијата, зголемување на нејзиниот опфат во решавањето на споровите, интензитетот на присуство и насочувањето на граѓаните за решавање на споровите по пат на медијација. Политиките за развој и промоција на медијацијата, вклучително и овие мерки се прават во партнерство со Кралството Холандија која е лидер во Европа во сферата на медијацијата, што дава добра основа за квалитетот на мерките.

Централна поента е дека Владата со почеток од 2013 година во насока на стимулација на граѓаните за користење на оваа можност за нејзино успешно функционирање ќе ја субвенционира медијацијата. Оваа мерка е со цел странките да се уверат во пракса во бенифициите од постапката за медијација, без притоа да трпат определени финансиски импликации.

До крајот на годината треба да се извршат измени во Законот за медијација и Законот за бесплатна правна помош со цел да се дефинираат услови и критериуми за субвенционирање на медијацијата од страна на државата. Рамката во која ќе се движат измените претпоставува покривање на финансиските трошоци на страните за медијација за остварување на максимум првите 4 часови од процесот на медијација, и тоа во висина од трошокот на медијацијата по час кој би изнесувал од 15 до 25 евра. Анализите и праксата покажуваат дека 4 часа се доволни за страните да се запознаат со медијацијата, да го изложат проблемот пред медијаторот кој понатаму ќе ги усмерува страните кон начинот за надминување и решавање на нивниот меѓусебен спорен однос, па и да го решат спорот. Ќе се субвенционира само медијација пред започнување на судската постапка, не онаа која би била побарана во рамките на веќе тековна судска постапка. Трошоците ќе бидат обезбедувани од Буџетот.

Со субвенциите очекуваме граѓаните полесно да се одлучуваат да одат на медијација на споровите, и на дело да ја увидат корисноста од медијацијата. Бенефициите на системот на државата се пак уште поголеми бидејќи не се активира судскиот систем и се остава повеќе простор и време за решавање на навистина спорни ситуации и предмети, за кои е оправдано да се активира судскиот механизам, што значи заштеда и на време, и на пари и на кадар во судството.

Исто така, анализите и практиката на Холандија покажаа дека за остварување на поголема ефикасност и ефективност на медијацијата од исклучително значење е медијаторот да поседува специфични знаења, вештини, искуство и компетенции. Тоа помага медијаторот да ја увиди суштината на спорот, афинитетот на странките и да изнајде балансирано решение кое би било прифатливо за странките и да го реши спорот.

Затоа Владата преку законски измени ќе го подигне прагот за влез во сферата на медијација, односно ќе ги засили и зголеми условите кои треба еден медијатор да ги исполнува за да ја врши оваа значајна професија.

Основ за законските измени и условите кои ќе се предвидат е Директивата 2008/52 на ЕУ која се однесува на Обезбедување на квалитет на медијацијата, што значи дека ова е транспонирање на европското законодавство.

Рамката за условите кои ќе се предвидат со законските измени опфаќа редефинирање на моделот на медијаторот, ревидирање на  влезните критериуми во сферата на медијацијата, иницијалната обука за медијација, и континуираната обука со цел вградување на квалитативни критериуми. Секој посетител на обука за медијатори, нема да може да стане медијатор, туку само оние кои ќе поминат позитивно на независната процена. При изработка на законските измени во Законот за медијација, за потребно ќе се наметне вградување на квалитативни критериуми за медијаторите, односно поседување на соодветно образование, комуникациски вештини, професионална етика, менаџирање конфликт, балансирање на моќ, правичност. Степенот на знаење би се регулирал преку специјализирани тестови.

Се планира и формирање на тело за стандарди на квалитет на медијацијата, односно проценувачи кои ќе даваат дозволи за станување медијатор. На тој начин ќе се придонесе за профилирање на високо квалитетни медијатори неопходни за понатамошниот развој на пазарот за медијација, како би се постигнало странките и институциите да имаат зголемена доверба во постапката за медијација и во медијаторите, со што ќе се зголеми и искористување на можноста за надминување на споровите по пат на медијација.

Во рамките на развојот на медијацијата се размислува и во определени поглавја од судските постапки да се воведе можноста од задолжителна медијација пред почнување на судска постапка. Тоа се поглавја како заштита на потрошувачи, семејни односи и  задолжително автоосигурување. Владата ќе направи анализа за можноста за овие измени, по што ќе се оцени натамошниот тек на процесот.

Со сите овие измени очекувањата се дека ќе се допринесе кон развој на медијацијата и нејзино поголемо искористување, од што корист ќе имаат и граѓаните и државата.