Недела за безбедност при работа: Намалувањето на ризикот од корист за работниците, но и за работодавачите

Повредите на работниците на работните места во Македонија во последните години се намалуваат, како резултат на преземените мерки и активности за превенција на ризикот, покажуваат статистичките податоци. Сепак, се уште има работодавачи кои не применуваат мерки за заштита при работа, и тие треба да бидат санкционирани. Сведувањето на ризикот во прифатливи рамки и подигнувањето на свеста за користа од неговото намалување е целта кон која Македонија треба да се стреми.

Ова се дел од ставовите на учесниците на одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа во Македонија, што се одржа денеска во Скопје во организација на Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд и Македонското здружение за заштита при работа.

Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа смета дека многу е подобро и поевтино да се превенираат несреќите при работа отколку да се трпат последиците од нив.

- Почитувањето на одредбите за заштита при работа во изминатите години бележи нагорен  тренд. Сите мерки кои се преземаат во општеството доведуваат до воведување правила во играта. Мислам дека прав исчекор ќе направиме кога нашата свест и начинот на пристапување на работите ќе ги постигнеме на малку повискоко ниво. Заштитата при работа не смее да се гледа само од страна на работниците, туку како сеопфатен процес кој е од полза и на работниците, но и на работодавачите и на самата држава, рече Петковски.

Несреќи на работа, додаде, се случуваат бидејќи секое работно место има одреден ризик. Затоа, според него, мора да се направи проценка на ризикот, по што ќе се знае со кои превентивни мерки тој да се сведе во прифатливи рамки. Ризикот, рече Петковски, може целосно да се отстрани само доколку се престане со работа.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристоски  истакна дека генерално сите статистики покажуваат намалување на бројот на повреди и повреди со смртни последици на работните места.

- Во 2010 и 2011 година имало 12 повреди со смртни последици на работници при извршување на работните задачи. Во 2012 бројот е намален односно имало пет повреди со смртни последици. Тоа дополнително не мотивира да продолжиме да ги реализираме активностите. Најзадоволни ќе бидеме кога ќе има години кога нема да бидат забележани повреди со смртни последици, рече Ристовски.

Тој најави дека во зимскиот период, за кога има најави за екстремно ниски температури, ќе бидат преземени пактет мерки и препораки, а ќе продолжат и засилените инспекциски надзори.

- Веќе изготвуваме пакет на мерки за заштита на правата на работниците, но и намалување на ризиците на граѓаните воопшто. Секако ќе има повеќе стратешки документи и упатства за постапување во вонредни состојби, со цел да се обезбеди соодветно превенирање за да не мора во услови на значително ниски температури интервентно да се реагира. Не велам дека може се да се превенира, но ќе се обидеме да ги намалиме ризиците на минимум, истакна министерот за труд и социјална политика.

Тој верува оти свеста кај работовачите ќе се зголеми во перидот кој доаѓа и препораките и мерките ќе се почитуваат.

- Летото кога имаше високи температури и кога најавиме дека ќе има контроли дали се почитуваат препораките, дел од работодавачите сметаа дека не сме сериозни во намерата да вршиме надзори и дека ќе казнуваме. Имаше работа на отворено, но тоа беше сведено на минимум и најголемиот број работодавачи го почитуваа. Затоа морам да повторам дека без разлика кој е работодавач дали приватна компанија, државата или општина и во во зимскиот период нема да има селекција во надзорите за почитување на препораките и мерките. Секој кој нема да ги почитува и ќе врши работа на отворено во услови на екстремно ниски температури ќе биде санкциониран, рече министерот Ристовски.

Во рамки на одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа, почнува и кампања за подигнување на свесноста за потребата од безбедност при работа, под мотото „Работиме заедно за превенција од ризик“, поддржана од Европската агенција за безбедност при работа.