„Денови на приватно обезбедување 2012“: Со новото законско решение до поголема контрола, ефикасност и квалитет

Новиот Предлог-закон за приватно обезбедување е основната тема по која ќе се дискутира на дводневната четврта по ред меѓународна конференција „Денови на приватно обезбедување 2012“, што денеска ја отвори министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Министерката Јанкулоска изрази убедување дека Предлог-законот претставува функционален сублимат од сите досегашни практични и теоретски искуства, како на национално, така и на пошироко европско ниво.

Целта е, потенцира таа, да се зголеми контролата и да се подигне квалитетот. Со многу попрецизно пропишување на стандардите, укажа, се добива силна алатка за поквалитетна контрола која нуди палета можности кои може да се искористат за да има висок квалитет во извршувањето на дејноста приватно обезбедување.

- Непотребна е грижата дека ќе има дополнителни овластувања или дека се загрозени некои човекови слободи и права бидејќи фактичката состојба е токму спротивна. Овој закон оди кон поголема контрола и поголеми ограничувања таму каде што е потребно, но воедно воспоставува и алатки за работи кои ќе овозможат квалитетно вршење на оваа дејност, децидна е министерката за внатрешни работи.

Јанкулоска е убедена дека јасно се дефинираат овластувањата и начинот на кој тие се користат, условите во кои можат да се користат и контролата над нивната употреба.

Со новиот закон, не само што не се даваат преголеми овластувања, туку во однос на претходниот закон од 1999 година, се врши степенување на овластувањата. Тоа значи дека на работниците во приватното обезбедување им стои на располагање поширока палета овластувања односно ќе имаат можност да одберат помеѓу овластувања кои не значат поголемо засегање во слободата и правата на граѓаните, а со цел да го прилагодат постапувањето на соодветната ситуација.

Според претседателот на Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот, Верица Милеска Стефановска приоритет е донесување применливо законско решение за да се постигне поголема контрола во дејноста, намалување на нелојалната конкуренција, поголем квалитет во услугата, поголема ефикасност и професионализам во работењето на компаниите. Таа смета дека е потребно да се преработи постоечката програма за обука односно оспособување на лицата кои ќе работат во Агенциите за обезбедување.

И стручниот советник во Комората, проф. Душко Стојановски смета дека новото законско решение не ги зголемува овластувањата на работниците од приватната безбедност, туку остануваат на исто ниво, а само се дава прецизно дефинирање и се прави дистинкција на дејностите во оваа област.

- Се засилува можноста за контрола и се бара од МВР најмалку еднаш годишно да направи контрола во работењето на овие фирми. Новиот закон меѓу другото бара и измени на начинот на обука и испитување на знаењата на работниците кои ќе работат на овие работни задачи, изјави Стојановски.

Тој додае оти во врска со поседувањето и користењето оружје, има законско решение кое значи ограничувања зависно од бројот на вработените. Според него, не држат шпекулациите за т.н. „пара војски“ затоа што количината оружје што ја имаат Агенциите за обезбедување е незначителна, а и самата пракса покажува дека многу ретко се употребува.

МВР со нов Предлог-закон за приватно обезбедување

Министерството за внатрешни работи како надлежен регулатор на областа изработи нов Предлог-закон за приватно обезбедување, на местото на постоечкиот Закон за обезбедување на имот и лица донесен во 1999 година.

Промената на називот во Закон за приватно обезбедување има за цел да направи суштинска дистинкција помеѓу обезбедувањето на лица и имот што е во надлежност на одредени органи на државната управа од она што го вршат приватните лица за обезбедување во вид и услуги зaконски пропишани или што ги вршат за сопствени потреби.

Новиот закон предвидува современ концепт на дејноста приватно обезбедување и се базира на прецизно разграничување на видовите на приватно обезбедување, во вид на услуги и во вид на сопствени потреби, но и условите што треба да бидат исполнети за да се врши определен вид обезбедување.

Се утврдуваат нови и повисоки стандарди во поглед на начинот и средствата со кои ќе се врши приватно обезбедување, а детално се нормира воспоставувањето и функционирањето на Центар за обезбедување и надзор како посебна просторија опремена со технички уреди за автоматски прием и обработка на алармни сигнали и информации. Новина се и високите стандарди за обезбедување транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки.

Се утврдуваат и во прецизни законски рамки овластувањата кои ќе ги имаат работниците за обезбедување, а тоа се проверка на идентитетот, предупредување, забрана на влез и неовластено снимање и задржување, преглед на лица, предмети, возила и багаж и употреба на средства за присила (физичка сила, гумена палка, средства за врзување лица, спреј, огнено оружје), а прв пат се регулира и употребата на дресирано куче.

Со оглед на чувствителноста на средствата за присилба во однос на ограничувањата на човековите права и слободи, употребата на огнено оружје и на дресирано куче, се посебно разработени и се потенцира нивниот сериозен карактер. Процедурата за лиценцирање за вршење на оваа дејност за обезбедување се регулира со овој Предлог-закон, во кој детално се пропишува условите и начинот за добивање лиценца за обезбедување, како и постапката за надзор над работењето на Агенциите за обезбедување.

Со Предлог-законот се предвидува прецизно да се уреди и изгледот на работната облека на лицата кои вршат приватно обезбедување, ознаките, формирањето, финансирањето на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, сите евиденции, заштитата на податоците и информациите, како и надзорот што ќе го врши МВР над Комората и Агенцитие за обезбедување.

При изработката на решенијата во законот се користени искуствата од Словенија,  Бугарија, Хрватска и други земји, во рамки на консултации со сите засегнати страни од оваа област, пред се практичните искуства од работењето на Комората на Република Македонија на лица и имот и на Агенциите за обезбедување. 

Во Република Македонија се регистрирани 193 приватни агенции за обезбедување, од кои активно егзитираат 163 агенции со речиси 2.900 вработени. Комората на Република Македонија за обезбедување лица и имот во октомври годинава во Женева официјално доби полноправно членство во Европската конфедерација за приватно обезбедување (КОЕС).