Презентирана предлог-национална програма за научно-истражувачка дејност 2012-2016

Предлог-националната програма за научно-истражувачка дејност за 2012-2016 ќе има три клучни компоненти, информираше министерот за образование и наука Панче Кралев на презентацијата во МАНУ, која заедно со МОН и со универзитетите учествува во нејзината подготовка.

Во предлог-програмата првпат се дефинираат девет приоритетни  области за научно-истражувачка дејност во Македонија, се предвидува формирање независно трипартитно тело (на Владата, академската заедница и приватниот сектор) што ќе управува со средствата што се издвојуваат за наука и, третата компонента, поставување цел за етапно зголемување на вкупното издвојување за наука од БДП (и од државата и од компаниите) - во наредните четири години да достигне 1 процент,  а до 2020 да биде 1,8 проценти.

Меѓу приоритетните области се наведени развој на РМ како отворено општество со конкурентна економија, развој на обновливи извори на енергија и управување со природни ресурси, развој на демократско општество, на техничките науки, посветеност на јавното здравје...

- Живееме во период на економска криза, но наша задача е да  најдеме механизам како да ги оствариме зацртаните цели. Во програмата се  предвидува и следење на реализацијата на целите. Ваква програма првпат се донесува, а таа е и препорака од Европската комисија. Таа е усогласена и со Стратегијата за иновации која ја донесе Владата на РМ, така што се овозможува нивна компатибилност како основа за развој на науката во Република Македонија, изјави министерот Кралев.

Претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски изјави дека со програмата треба да се креира нов пристап кон научната политика и нејзиното водење во следните четири години, зашто досегашниот начин не давал добри резултати.

-  Имаме стагнантна состојба на науките, стагнација во истражувањата и иновациите, разнебитување на важни научни институции, немаме научен подмладок, средствата за наука и истражување континуирано опаѓаат...Се наоѓаме на дното на вложување во наука и истражување, под 0,2 проценти од БДП... Тоа има далекусежни општествено-социјални консеквенции... Сакаме да дојде до пресврт во однос на таквиот развој и во погледот кон науката воопшто, рече Камбовски.

Според него, не е доволно само да се зголемат средствата, ако истовремено  не се нападнат, како што рече, критичните точки - научната инфраструктура и научниот кадар и подмладок, логистиката за пристап кон европските фондови...

Во подготовката на програмата со сугестии учествуваат и јавните и приватните универзитети во Македонија. Претседателот на Интеруниверзитетската конференција Александар Николовски како забелешка го истакна проблемот со човечки ресурси, т.е. непополнетите места по заминување на академски кадар во пензија. Забележа и на слабата соработка меѓу универзитетите и стопанството.

Во врска со тоа, министерот Кралев изјави дека Владата оваа година за јавните универзитети обезбеди 200  согласности за обнова на академскиот кадар и надополнување  на местата каде што вработените заминале во пензија. Додаде дека е тоа континуиран процес кој ќе продолжи и во идната година. Се согласи дека приватниот сектор слабо соработува во научната дејност и посочи дека планираното независно тело ќе има задача да ги поттикнува и охрабрува компаниите за активно вклучување, но дека и универзитетите треба да наметнат динамика.

Во наредните шест недели ќе има неколку јавни расправи за текстот на програмата и се очекува таа да биде усвоена од Владата до крајот на годинава. Иако е опфатена 2012, нејзината примена ќе почне наредната година.