БанкЕкспо: Се уште висока довербата на граѓаните во банкарскиот сектор и во денарот

Македонските граѓани имаат доверба во банките и во домашната валута. Трета година по ред учеството на денарското штедење расте, од 35 отсто во 2009 на 48 проценти во 2012 година. Вкупните влогови изнесуваат 171 милијарда денари, беше речено на денешниот форум БанкЕкспо организиран по повод Светскиот ден на штедењето.

- Годинашниот Светски ден на штедењето Република Македонија го дочекува на најдобар можен начин, со историски највисоко ниво на штедење. Според податоците на Народната банка, на крајот на минатиот месец вкупните депозити во банкарскиот сектор изнесуваат 238 милијарди денари. Зборуваме за капитал кој моментно циркулира во стопанството и постојано се оплодува, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во обраќањето на форумот.

Благодарение на стабилноста на националната валута, додаде, интересот за штедење во денари е засилен. Истовремено, зајакнат е и интересот за подолгорочно штедење.

- Денарските депозити на населението се зголемени за нешто повеќе за 17 милијарди денари или за 26,3 отсто. Склоноста кон штедење во домашна валута доведе до промени во валутната структура во корист на денарските депозити. Првпат по 2007 година, во септември 2012 денарските депозити ги надминаа девизните за 19 милијарди денари. Орочените депозити, пак, остварија годишен раст од над девет милијарди денари и го зголемија учеството во вкупните депозити од 17 на 20 проценти, нагласи министерот.

Според него, овие факти покажуваат дека и во услови на глобални предизвици како финансиската и економската криза проследени со должничка криза и криза на еврото, довербата на македонските граѓани во денарот и во домашниот финансиски систем се задржа, но и зајакна. Ова, потенцира Ставрески, е резултат на воспоставената макроекономска стабилност, стабилноста на денарот, добро дизајнираната регулатива и прудентното однесување на банките.

Осврнувајќи се на Фондот за осигурување депозити, вицепремиерот напомена дека заштедите растат кога клиентите се добро заштитени.

- Со последните измени на Законот за осигурување депозити од крајот на 2010 година, сумата на осигурени депозити се зголеми на 30.000 евра во поединечна банка. Од тогаш до денес депозитите на населението се зголемија за речиси 27 милијарди денари. Шемата на осигурување покрива повеќе од 80 отсто од вкупните депозити на населението, рече Ставрески.

Тој порача дека Владата и натаму со особено внимание ќе ги следи случувањата на меѓународниот и домашниот финансиски пазар и, доколку е потребно, во рамки на своите надлежности ќе презема мерки за одржување стабилен банкарски сектор.

И гувернерот Богов потврди дека македонските граѓани имаат доверба во банките. Штедењето на населението продолжува да расте. Годинава бележи зголемување од 9,2 отсто во однос на лани.

- Нашиот банкарски систем е стабилен, нема поголеми проблеми, адекватноста на капиталот е на исклучително високо ниво од 17 отсто, а ликвидноста се држи на историско ниво од околу 30 отсто од вкупната актива. Тоа гарантира стабилен банкарски систем и можност банките да ја поддржуваат домашната економија, рече Богов, додавајќи дека одржувањето стабилен банкарски сектор и зголемување на денарското штедење остануваат императив.

Како што истакна Ѓорѓи Јанчевски, претседател на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија кое е воедно и организатор на БанкЕкспо, и покрај кризата која годинава има поголем замав, депозитите од почетокот на 2012 се зголемени за 5 отсто или за 140 милиони евра.

- Тоа укажува дека политиката на одржување стабилен курс на денарот, стабилни цени, ниска инфлација и фискална дисциплина, ги даваат потребните резултати, подвлече Јанчевски.

На БанкЕкспо што првпат се организира во Македонија учествуваат претставници од сите релевантни креатори на бизнис-климата, банки, комори, стопанственици и експерти. Во тек е дебатата за влијанието на актуелната криза. Се очекува да бидат изнесени или понудени конкретни предлози и решенија за нејзино евентуално ублажување. Пред почетокот им беа доделени признанија на најдобрите шалтерски работници годинава.