Владата со нова мерка за заштита на работничките права на жената

Забрана на сите облици на дискриминација на жената при вработување, како и заштита на жената од отказ во случај на бременост, раѓање и родителство предвидуваат измените на Законот за работни односи што ги изготвило Министерството за труд и социјална политика, а биле усвоени на вчерашната седница на Владата.

Измените, како што појасни на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, биле иницирани од детектирањето на појавата на дискриминација во оваа сфера, која, како што рече, иако ја нема на хартија е присутна во реалноста и покрај тоа што таа е регулирана во повеќе одредби на неколку закони.

Резултатите од истражување спроведено на 1.000 испитанички покажуваат дека на голем дел од нив, околу 22 проценти, при интервју за вработување им било поставено прашање дали планираат да забременат во наредниот период. Околу 67 проценти од испитаничките сметаат дека одговорот на тоа прашање се одразил на одлуката на работодавачот дали ќе ја добијат или нема да ја добијат работата.

- Со измените се утврдува забрана за работодавачите при вработување од кандидатите да бараат тест за бременост или потврда за таков тест при склучување договор за работа со жена. Исто така, се предвидува забрана на сите облици на дискриминација, вклучувајќи го и откажувањето на договорот за вработување на жените кои се наоѓаат во состојба на бременост, раѓање или родителство. Доколку во такви случаи работникот добие отказ тој ќе биде ништовен, рече министерот за труд и социјална политика.

Во случаите во кои на жената при вработување и се нуди спогодба дека идна бременост би значело и прекин на договорот за работа, работодавачот ќе биде казнет со парична казна од две до пет илјади евра. 

Министерот Ристовски појасни дека за разлика од досега товарот за докажување од работникот се пренесува на работодавачот, односно дека во случај одредена работничка да пријави дискриминација од ваков вид, работодавачот ќе треба да докаже оти тоа не го направил. 

По стапувањето на сила на овие измени, кои треба најпрво да ја поминат собраниската процедура, работничките доколку се најдат во ситуации да бидат дискриминирани во сферата на работните односи по овие односи, тоа да го пријават на телефонските броеви 15 131 и 15 505 кои се постојано отворени. По пријавата Државниот инспекторат за труд ќе постапи по нивната пријава согласно своите надлежности.