Министерот Никола Попоски се сретна со амбасадорот на ЕУ Аиво Орав

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше средба со шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорот Аиво Орав, на која беа разгледани натамошните активности по објавувањето на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија за 2012. година, соопшти МНР.

- Владата останува силно посветена на продолжување на реформската евроинтеграциска агенда во целиот спектар на области опфатени со Копенхашките критериуми за членство во ЕУ. Република Македонија е целосно подготвена да се справи со предизвиците на процесот на пристапни преговори со ЕУ и очекува дека на Европскиот совет во декември оваа година земјите-членки ќе ни овозможат да го покажеме тоа на дело, подвлече министерот Попоски.

Попоски особено ја истакна заложбата за натамошно унапредување на добрососедските односи во насока на градење мостови на пријателство и меѓусебна соработка, засновани на меѓусебно почитување. Исклучително е важно односите меѓу земјите од регионот и регионалната соработка да бидат фокусирани на прашања кои поврзуваат и имаат практично значење за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, како што е на пример унапредувањето на инфраструктурните и комуникациски мрежи, а во функција на поттикнување на севкупниот економски раст и развој. 

Амбасадорот Аиво Орав истакна дека Европската комисија позитивно ги цени постигнувањата на Република Македонија во исполнувањето на критериумите за членство во Унијата, што резултира со четврта по ред препорака за отпочнување на пристапните преговори. Тој исто така ги реафирмира активниот ангажман и заложба на Комисија за почеток на пристапните преговори со Република Македонија. Притоа, заеднички беше констатирано дека отворањето на пристапните преговори ќе има повеќекратен позитивен ефект, се наведува во соопштението од МНР.