Преземени конкретни мерки и активности за превенција од самоубиства, Македонија со најниска стапка во Европа

Се претпоставува дека околу 200.000 луѓе во Македонија страдаат од депресија. И покрај зачестените случаи и обиди за самоубиства, Македонија со 6,7 случаи на 100.000 жители во првите 9 месеци од 2012 година, е меѓу земјите со ниска стапка на самоубиства, односно една од најниските во Европа. Во просек секоја петта жена и секој десетти маж страдаат од депресија.

Во врска со се позачестените случаи и обиди за самоубиства во последниве недели, министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција истакна дека  ситуацијата внимателно се следи од сите надлежни институции и веќе се преземени конкретни мерки и активности за превенција на оваа појава, за кои е информирана и Владата на завчерашната седница.

Тој рече дека одржал состаноци со експерти од оваа област во државата, при што се предложени мерки и активности во насока на справувањето со депресијата и на превенцијата на самоубиствата, а со цел да се спречи непотребниот губиток на животот на граѓаните.

- Мерките и активностите вклучуваат спроведување на кампања преку која родителите ќе можат да препознаат депресија кај своите деца, во соработка со Комората на психолози, Здружението на клинички психијатри и Министерството за образование и наука, да се изврши едукација на сите училишни педагози и психолози за препознавање знаци на депресија и најмалку еднаш годишно проценка на менталниот статус кај учениците во основните и средни училишта од страна на училишниот психолог/педагог и идентификување на оние ученици кај кои постои одредена форма на депресија, односно тенденција за суицид, рече Тодоров.

Тој посочи дека мерките и активностите опфаќаат и проценка на менталниот статус и депресивните/суицидалните мисли кај студентите при систематскиот преглед во соодветните здравствени установи, користење онлине алатка за скрининг на суицид на ниво на универзитетите што би идентификувал студенти со вакви размислувања, организирање работилници за избраните лекари на кои тие дополнително ќе се едуцираат за препознавање и соодветно третирање на депресијата односно упатување на повисоко ниво на здравствена заштита и активна телефонска линија со психолог/советник.

Директорот на Клиниката за психијатрија, Антони Новотни рече дека 80 отсто од оние кои страдаат од депресија, зборуваат за самоубиства. Од депресија, истакна тој, страдаат младите на возраст од 16 до 20 години, а пикот е меѓу 30 и 40 година од животот.

- Клиниката ја активираше СОС линијата за кризни состојби- 3136 400 и 076 456300 на која стручни лица ќе им пружат помош или ќе им дадат совет на оние на кои им е потребна, додаде Новотни.

Дијана Белевска од Комората на психолози посочи дека лицата кои страдаат од депресија на различна возраст имаат различна симптоматологија. Таа изрази надеж дека ќе се постигнат одлични резултати со кампањата и оти ќе има повеќе среќни семејства.
 
Во Македонија во 2010 година стапката на самоубиства изнесувала 7,4 случаи на 100.000 жители, и 6,9 случаи на 100.000 жители на 2011 година. За илустрација, во 2010 година стапката на самоубиства во Бугарија изнесувала  од 9,3 случаи на 100.000, 9,9 случаи на 100.000 жители во Германија, 14,7 случаи на 100.000 во Хрватска, 17,2 случаи на 100.000 жители во Словенија, 21,7 случаи на 100.000 жители во Унгарија до 28,5 случаи на 100.000 жители во Литванија.
 
Психолошките студии од различни земји известуваат дека 90 отсто од луѓето кои извршиле самоубиство страдаат од едно или повеќе психијатриски нарушувања, од кои убедливо најчесто е мајорното депресивно нарушување. Депресијата е болест на современото општество и претставува голем предизвик, не само за професионалците во областа на менталното здравје, туку и за експертите како што се социолози, психолози, педагози.

Според податоците од Светска здравствена организација, околу 350 милиони луѓе страдаат од депресија. Познато е дека речиси двојно повеќе заболуваат жените отколку мажите. Доживотниот ризик за депресија изнесува 20-30 отсто. Причините за депресија не се познати, но се претпоставува дека во нејзината генеза се вклучени многу различни чинители, почнувајќи од специфичностите на индивидуата, па се до причинителите од околината. Светската економска криза која е во тек, стрес, тага, конфликти, невработеност, злоупотреба, се често споменувани причини за депресија.

Водечките светски организации и институции нагласуваат дека депресијата е се позначаен јавно здравствен проблем кој има изразени импликации врз современите општества,  како на здравствено и социјално, така и на економско поле. Депресијата е една од водечките причини за отсуства од работа во развиените земји.