Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија

Владата значајно внимание и значајни средства насочува кон земјоделието. Целта е негово унапредување и подобрување на конкурентноста.

Субвенциите претставуваат сериозна поддршка и ја опфаќаат димензијата на производството. Друга значајна димензија е подобрување на пазарната конкурентност на земјоделските производи.

Една од најзначајните карактеристики на пазарната конкурентност е брендирањето на земјоделските производи. Засега има само 9 брендирани земјоделски производи: Кочански ориз, Малешевско - бело сирење, Старо бачило - бело сирење, Од Домково трло - бело сирење, Исарско - бело сирење, Тетовски  грав, Овчеполски мед, Македонски ајвар и Кривопаланечки мед. Со брендот пласиран на пазарот преработувачите добиваат поголем приход. Целта е да се зголеми овој број на брендирани земјоделски производи. Владата во 2013 година сериозно ќе се насочи кон промоција на брендирањето на земјоделските производи, и за таа цел ќе се применат повеќе мерки и активности како што се интензивирање на информирањето на земјоделците за придобивките од добивањето на ознака за квалитет и географско потекло, повеќе обуки и работилници на оваа тематика со производителите и преработувачите на земјоделски производи, но и значајни финансиски стимулации во оваа насока.

Со законските измени, брендирањето односно ознаките за квалитет во делот на земјоделските производи, се префрлаат од Заводот за заштита на индустриската сопственост(патентирање и лиценци) во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство.

За да се добие ознака за квалитет треба да се поднесе елаборат со кој ќе се потврди квалитетот и начинот на производство. За поднесување на овој елаборат за добивање на знак на квалитет и за самото добивање на знакот за квалитет ( кој може да биде во три форми-географска ознака, ознака на потекло и традиционален специјалитет) Владата ќе покрива 50% од трошоците за изработка на елаборатот и потребните анализи.  За овие мерки може да аплицираат групи на производители на земјоделски или прехранбени производи.

Доколку некој субјект сака да го користи веќе доделениот знак за квалитет на друг субјект, истиот тој субјект треба да поднесе барање за користење, кое вклучува изработка на елаборат дека тој производ ќе се произведува на начин кој е пропишан во стандардите. И за овој поднесок Владата ќе покрива 50% од трошоците.

Откога некој субјект ќе се стекне со знакот за квалитет, и со тој знак ќе ги продава производите на пазарот, Владата ќе му додели и дополнителна финансиска субвенција во висина од 5% од вкупниот обем односно вкупната вредност на продадени производи со тој знак на квалитет, и тоа до определен лимит на вкупната финансиска субвенција кој дополнително ќе биде определен со актите на министерството.

Примарните производители пак ќе добиваат дополнителни субвенции доколку своите производи ги даваат на преработувачи кои користат знак на квалитет и тоа во висина од 0,5 денари по литар или килограм продаден и предаден производ.

На пример, доколку некој млекопроизводител, го продаде своето млеко на преработувач кој произведува брендирано сирење, тој покрај субвенцијата од 3,5 денари по литар млеко, ќе добие дополнителен половина денар по литар, или вкупно 4 денари по литар млеко.

Или доколку некој произведувач на пиперки го продаде своето производство на преработувач кој произведува брендиран ајвар, тој покрај субвенцијата од 2,5 денари по килограм пиперки, ќе добие дополнителен половина денар по килограм пиперки, или вкупно 3 денари по килограм.

Владата ќе подготви Брошура за заштитени ознаки за квалитет на земјоделски и прехранбени  производи, како и Прирачник за заштитени ознаки за квалитет на земјоделски и прехранбени  производи, со што ќе се овозможи поголема информираност околу предностите на добивање заштитени ознаки за квалитет, ЕУ легислатива за заштитени ознаки, процедури за добивање на заштитени ознаки во Република Македонија, како и мерките за повисоки стандарди за квалитет  на земјоделските и прехранбените производи од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2013 година.

Со целиот овој спектар на поддршка за брендирање на земјоделските производите, планот е да се подигне нивната пазарна конкурентност и препознатливост, со што на пазарот би добивале повисоки цени токму заради квалитетот. Субвенциите пак кон примарниот земјоделски производ ќе овозможат поголема вертикална интеграција на пазарот и соработка на производителот со преработувачот. Пакетот на мерки очекуваме да донесе поголем број на брендирани земјоделски производи.

Второ, за што би сакале да информираме е дека Владата ја усвои методологијата за исполнување на законското решение кое предвидува дефицитарните занимања и занаетчиите во исчезнување да немаат обврска за плаќање на комунална такса, и лицата кои се занимаваат со дефицитарни занимања или пак со занаети во исчезнување од 2013 година нема да плаќаат комунална такса. Секој прв квартал во годината Државниот завод за статистика на својата веб страница ќе поставува листа на занаети во исчезнување, и лицата кои се занимаваат со овие занаети кои се содржат во таа листа ќе бидат ослободени од обврската за плаќање на комуналната такса.

Првичните анализи покажаа дека како занаети кога се дефицитарни, се забележуваат следните: саатчија, производство на музички инструменти, ковач, грнчар, лимар, казанџија, свеќар, крзнар, корпар, сувенирџија, самарџија, шапкар, итн...Конечната листа ќе ја утврди Заводот за статистика. Владата подготвува стратегија на посеопфатна поддршка на занаетчиите за што дополнително ќе информираме.