Министерката Јанкулоска се обрати на Конференцијата во Рим во рамки на панелот за трговија со луѓе

На Конференцијата на министри за внатрешни работи од земјите членки на Интерпол што се одржува во рамки на на 81-то Генерално собрание на оваа интернационална полициска асоцијација, што се одржува во Рим, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска имаше обраќање на тематскиот панел во врска со трговијата со луѓе.

Во текот на Конференцијата поделена на три тематски панела Јанкулоска, која ја предводи делагацијата на македонското МВР, заедно со првиот човек на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски, ќе има свои излагања и на теми поврзани со насилниот криминал кај младата популација, како и околу борбата против глобалната закана на 21 век  - тероризмот.

Во попладневниот работен дел од Конференцијата, односно на маргините од овој настан, соопшти денеска МВР, министерката Јанкулоска ќе има билатерална средба со главниот комесар на австралиската сојузна полиција Тони Негус со кого ќе го парафираат Меморандумот за соработка меѓу МВР и Австралиската сојузна полиција за борба против транснационалниот криминал и развој на полициската соработка.

Инаку, на 81-то Генерално собрание на Интерпол кое што ќе се одржува до 8. ноември, а тематски насловено „Предизвиците на полицијата во соочувањето со современиот насилен криминал“, ќе се разговара околу повеќе области од безбедноста, во контекст на меѓународната соработка, како на пример за прашања во сферата на екстрадициите, организираниот криминал, граничната безбедност, заштита на културното наследство и друго, но и за теми поврзани со конкретни регионални и глобални случувања и состојби. Исто така, во рамки на Генералното собрание ќе биде избрано и новото раководство на Интерпол, односно новиот претседател, потпретседател и Извршен комитет на асоцијацијата кои што во наредниот мандат ќе раководат со Интерпол.