ИПИС: Мнозинството граѓани со позитивни оценки за владините политики

Мнозинството граѓани на Македонија ги оценуваат како позитивни политиките на Владата за привлекување странски инвестиции, субвенциите во земјоделството и реформата на здравствениот систем, покажува анкетата на  Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС).

На прашањето „како ги оценувате следните политики на Владата: привлекување на странски инвестиции“, 59 отсто одговориле позитивно, 29,1 имаат негативен став, а без одговор биле 11,8 проценти од анкетираните.

Позитивна оценка за владините политики за субвенции во земјоделство дале 70,1 отсто, негативно се изјасниле 18,7, а 11,2 проценти немале одговор. 

Реформата на здравствен систем позитивно ја оцениле 54,6 од испитаниците, негативно 34,8, а немале одговор 10,6 проценти.

Позитивен став за политиките на Владата за процесот на евроинтеграциите искажале 46,2 отсто од анкетираните граѓани, негативно мислење имаат 30, а 23,8 не дале одговор.

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија позитивно го оценуваат 50,6 отсто од анкетираните, 16,1 негативно, а без одговор биле 33,3  отсто.

За 54 отсто од испитаниците реално е да се очекува датум за почнување на преговорите за влез во ЕУ во декември годинава, за 27 проценти тоа е нереално, а 19 отсто немаат конкретно мислење за ова прашање. 

Проектот „Скопје 2014“, според анкетата на ИПИС, позитивно го оцениле 40,3 од испитаниците, 51,1 имаат негативен став, а немале одговор 14,6 проценти.

Институтот за политички истражувања од Скопје телефонската анкета ја спровел од 29 октомври до 1 ноември  годинава на 1.115 испитаници.