Тодоров: Моделот за плаќање по успешност е корисен и за пациентите и за здравствениот систем

Министерот за здравство Никола Тодоров не отстапува од моделот за плаќање по успешност. Смета дека тој е соодветен и во интерес на пациентите и на здравствениот систем. За да биде покоректен побара правилен внес на податоците во системот и најави контроли. Отпорот на лекарите, смета, е само резултат на тоа што со него се нарушува нечиј комодитет. Тие имаат право на штрајк, но во тој случај законот предвидува да не им се исплаќа плата, туку само придонеси на минимална плата.

Дали податоците се правилно внесени, односно дали секој здравствен работник внесол точни податоци колку сработил може да се контролира доколку впишаните бројки во системот се споредат со вкупниот број здравствени услуги ги дала установата.

- Со внесот на лажни податоци се прави штета и на оној кој што сам си ги внесол бидејќи утре ќе одговара согласно Кривичниот законик и законот за кривична постапка,  но и на неговите колеги затоа што така тој го подига својот учинок, а го намалува оној на останатите колеги, изјави министерот Тодоров по завршувањето на седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика.

Затоа, како што истакна, апелираме самите здравствени работници доколку имаат внесено неточни податоци да ги корегираат пред почетокот на контролата, која министерството ја најави за 7 ноември.

- Казни за вакво нешто не може да изрече Министерството за здравство бидејќи тоа е кривично дело и за него треба да одлучуваат надлежни судови во Република Македонија. Ние само предупредуваме за лекарите да не се стават самите во лоша ситуација, рече Тодоров.

Во врска со најавите на самостојниот синдикат на Клиничкиот центар за генерален штрајк, министерот Тодоров истакна оти тоа е политичка одлука на група луѓе кои сакаат од оваа работа да извлечат политички бенефит.

- Тука не зборувам дека сите доктори ја прифаќаат таа одлука, свесен сум дека еден дел од нив не ја прифаќаат. Не сакам да разговарам кога во позадина има политичка одлука да се направи штрајк и по било која цена да се минираат разговорите. Ние ќе продолжиме да разговараме со гранковиот синдикат во еден социјален дијалог кој е започнат и пред најавата за штрајк од Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, рече министерот за здравство.

Понудената спогодба од овој синдикат, според Тодоров нема законска основа. - Кога се нуди некоја спогодба, за да се потпише од двете страни треба да има законска основа, а тоа во случајот не е така, рече тој.

Додаде дека така се гледа оти Самостојниот синдикат на Клинички центар не сака да преговара туку дека неговата цел е да направи штрајк.

- Сакаат да направат штрајк и ќе го направат. На 14 ноември ќе има штрајк, на 15. треба да се вратат на работа. И повторно ќе треба да ги внесуваат податоците во системот за плаќање по успешност, рече Тодоров.

Последиците од вака организиран нелегитимен штрајк, додаде, треба и ќе ги сносат тие што го организираат. - Овојпат нема да застанам на нивна страна, туку ќе застанам на страната на пациентите, истакна министерот. 

Отпорот, според Тодоров, е заради тоа што во еден дел со новиот систем се нарушува нечиј комодитет, иако, како што истакна, овој модел треба да понуди прогресивно решение кое треба да има позитивно влијание за целиот здравствен систем и за самите пациенти.

Доколку лекарите штрајкуваат подолг временски период во тој случај тие за периодот на штрајк нема да добиваат плата, а ќе им биде уплаќан само придонес на минимална плата.

- Тоа е невозможно во здравството бидејќи треба да знаат дека ќе штрајкуваат, ќе ги извршуват сите здравствени дејности, а за тоа нема да земаат плата туку ќе им биде уплаќан само придонес на минимална плата, рече министерот за здравство.

Списоците за кои, како што рече, се шпекулирало дека ги бара за да врши притисок, имаат само за цел на директорите да им овозможат увид кому треба да дадат плата, а кому само придонеси.