Ѓорѓиев: Ќе се мери и оценува квалитетот и функцијата на институциите

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Реформата на администрацијата и унапредувањето на функциите на институциите се темелна определба на Владата. Се преземаат крупни и обемни реформи со цел институциите да обезбедуваат брза, евтина и ефикасна услуга за граѓаните и компаниите.

На минатата седница, Владата ја усвои информацијата на Министерството за информатичко општество и администрација за старт на реализација на проектот Барометар на квалитет. Овој проект е дел од програмата на Владата, и предвидува почеток со стандардизирано мерење на квалитетот и општата функција на секоја институција и врз основа на мерењето, оценување на институциите и нивно рангирање.

Ќе се мерат и оценуваат внатрешните фактори, но особено надворешните фактори во поглед на испораката на услуги кон граѓаните. Со ова ќе се овозможи создавање на конкурентност на институциите и ќе ги поттикне да ги спроведат дефинираните и планирани реформски процеси во Стратегијата за реформа на јавната администрација.

Владата овој проект го спроведува со поддршка и логистика на ОБСЕ, особено во делот на изготвување на методологијата за мерење на квалитетот и оценување на институциите. Формираната работна група, засилена со податоци и стручна експертиза, до крајот на оваа година на Владата треба да и достави конкретна предлог-методологија, и по нејзиното усвојување во првиот квартал од 2013 година би се почнало со директно мерење на перформансите. Методологијата ќе предвиди кои се параметрите за оценка, која ќе биде честината и интензитетот на мерење, колку бодови ќе се добиваат за секој параметар, кој е индикатор за тежина итн..

Владата усвои рамка во која треба да се движи методологијата која ќе и биде поднесена за усвојување. Нејзина основна поента е како главен параметар да се земе сервисната ориентираност на институцијата, односно степенот на задоволство на граѓаните од добивањето на услуги од институцијата. Затоа во идниот период ќе се интензивираат тековните модели за мерење на задоволството на граѓаните од испораката на услугите, односно Граѓанскиот дневник и Семафорот за оценување. Од особено значење е одлуката за динамизирањето на проектот „Таен клиент“ кој нуди многу релевантни, независни и објективни податоци за состојбата.  Податоците од овие модели ќе бидат вклучени во оценувањето. Исто така, ќе се користат и ново предвидени модели за истражување на задоволството на граѓаните, но и на вработените во администрацијата.

Рамката предвидува институциите да бидат оценувани и во однос на исполнување на одредени стандарди во внатрешно управување на организацијата, како што се:

- стратешко и финансиско планирање,

- исполнување на програмата и проектите,

- професионален развој на вработените,

-функционирањето на концептот е-Влада, и нивото на воведување на електронски услуги кон граѓаните и компаниите,

- управување со перформанси и систем за менаџирање со квалитет, сертифицираност на институцијата за определен стандард итн...

Оценувањето ќе се врши со бодирање на секој параметар од методологијата, и збир на вкупните бодови од сите параметри, согласно индикаторот за нивната тежина. На крајот институциите ќе се рангираат.

Овој проект е од особен интерес за институциите и за државата, но уште од поголем за граѓаните и компаниите, и ова ќе претставува едно сериозно унапредување на модернизацијата и реформата на администрацијата. Кога раководните и останатите службеници ќе бидат свесни дека постојано низ мерливи критериуми се следи нивната работа тогаш и ќе бидат дополнително мотивирани да ги унапредат процесите во институцијата, да постигнат ефикасност, ефективност и продуктивност. Тоа ќе е од интерес за граѓаните и компаниите затоа што соодветно ориентирана услужна институција ќе ги задоволува нивните интереси побрзо, поевтино, без загуби на време и средства, без нервози и опструкции, се со цел повисок квалитет во извршувањето на функциите кои се потребни за општеството.